Читајќи ги реакциите во Бугарија за посетата на Кирил Петков на Македонија прочитав и еден интересен виц. Беше објавен на Гласове.бг како ехо на престојот на бугарскиот премиер на Скопје. Но, пред да го напишан, однапред да им се извинам и на Ромите и на Македонците, зашто се однесува на нив. Особено на првите, кои во вицот се именуваат како „Цигани“.
Вели вака-Со Циган и со Македонец не се игра шах. Циганот ќе ти го украде коњот, а Македонецот кралот.
Значи, Ромите и Македонците, според бугарската смисла за хумор, или подобро речено според изразениот говор на омраза, и никогаш непрекинатите предрасуди, спаѓаат меѓу оние кои не припаѓаат на чистата, ариевска бугарска раса.
Која, нели, не признава никаков микс, па Тодор Живков, за да не стане Бугарија втор Кипар, навремено ги преименува Турците, кои сега како чистокрвни Бугари само онака, добрососедски, немаат никакви колективни права, туку само индивидуални, иако имаат своја партија без предзнак турска. А, бугарските Турци или турските Бугари во Турција се меѓу најмногубројните гласачи на сите парламентарни избори.
Е, вакви исти индивидуални права, значи не колективни, не важат и не можат да важат за Македонците во Бугарија, иако за тоа постојат 16 одлуки на Европскиот суд за човекови права. Наводно, и само наводно, тоа не го дозволувало бугарскиот Устав. Инаку ќе немаше никаков проблем!? А, ако прашањето за постоењето Македонци во Бугарија се постави од Македонија, пак, тоа веднаш е непримерно, провокација, мешање во внатрешните работи…
Среќа што секаде постојат будали од типот на Ангел Џамбаски. Тие секогаш за се имаат подготвени одговори. Па така, непостоечките Македонци во Бугарија да ти биле производ на српска лага, наметната преку репресија и терор.
А, ако непостоечките Македонци во Бугарија настанале така, на ист начин настанале и во Македонија!? Бати логиката, бати! Би било добро бугарскиот ариевец да прочита нешто надвор од бугарската пропаганда, па може и нешто ќе научи. Иако однапред знам дека тоа тешко ќе оди, зашто дупната лејка ни вода не држи, а камо ли некакво знаење.
Нејсе. Да се вратам на шахот. Ромите во Бугарија ги минуваат истите процеси како и во Македонија. Но, таму употребата на пежоративното Цигани е секојдневие и прифаќањето на терминот Роми оди многу потешко.
Во некои подобри времиња знам дека за нашиот шаховски клуб „Алкалоид“ играа одлични шахисти од Бугарија. И заедно со соиграчите Македонци нижеа одлични успеси и резултати. И никој од нив никогаш не се пожали дека им бил украден кралот. Каква е состојбата денес навистина не знам. Ама, очигледно таа шаховска партија, само сега на политички план продолжува да се игра. Дури, може да се каже дека е на самиот почеток. Особено по првата посета на премиерот Петков на Македонија.
За чудо, како Петков, за разлика од неговиот коалиционен партнер Слави Трифонов, не го виде тоа, веќе познато „Умрете Бугари“!? Ниту го спомена, ниту даде на знаење дека знае за такво нешто.
А, повеќе од очигледно е зошто постапи така. Како и во Бугарија, и тука има будали и тие како такви нема да претставуваат проблем, се додека не се преселат во сферата на политиката, особено онаа официјалната. Премиерот дојде со добра волја, со добра волја беше пречекан и така и си замина. До следната меѓувладина средба закажана за в понеделник. Тоа што во Бугарија неговите опоненти на секој начин сакаат да најдат влакно во јајцето е нивна работа.
Многу поважно е што се случува на наш, домашен терен. А, сликата што ни се отвора, по максималната нетранспарентност на претходниот владин состав, е повеќе од катастрофална. Па тоа повеќе од половина состав на Владата да ти биле обични пропагандисти и лакташи за фотелји!
И сега новиот премиер Димитар Ковачевски против кого ќе се бори, против кои пропагандисти, кои им штетат на македонско-бугарските односи?! Против поранешниот вицепремер за европски интеграции Никола Димитров или против неговиот избор за истата позиција Бојан Маричиќ, или против старо-новиот министер за надворешни работи Бујар Османи!? Таче Монтенегро ќе има навистина тешка задача, зашто токму борбата против пропагандистите ја промовираше како еден од неговите врвни приоритети.
Ни десет дена не минаа откако стана познат составот на новиот владин кабинет, а Димитров, Маричиќ и Османи почнаа да си го прикажуваат својот валкан веш. И тука многу брзо ќе се покаже кој е во право од аспект на прашањето дали било правилно да се чекаат или не одговорите на 5+1 прашањата, што Бугарија ни ги постави како услов за официјален почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Димитров реши во фази да не информира за тоа за што се залагал и во што е грешката во првиот потег со прифаќањето на најбенигната точка од патната карта 5+1 поврзана со употребата на краткото име на државата.
Ни кажа дека бил за чекање одговори за целиот пакет, ама во следниот јавен настап ќе ни ги каже последиците. Маричиќ, пак, не чекаше многу да го обвини дека досега бил главен кочничар во односите со Бугарија, иако како досегашен министер за правда беше еден од потписниците на објавата на екс-премиерот Зоран Заев во која се бараше Димитров да каже со што не се согласува или не учествувал во подготовката на било кој од одговорите кон Бугарија.
Османи не заврши само со барањето да се зачуваат меѓусебните фер односи, туку во настапот на БНТ отиде чекор понатаму, па ни порача дека во односите со источниот сосед мораме да расчистиме со се што негативно од времето на некогашната ЈУ-федерација.
Притоа, не изусти ни збор што смета дека е негативно, а така оставениот широк простор за разно-разни толкувања може да значи, на пример, дека и македонскиот идентитет, и македонскиот јазик, и македонската историја можат да се сметаат како такви.
Можеби „најделотворно“ делуваше соопштението на партијата на Љупчо Георгиевски. Народњаците не само што му препорачаа на Димитров да си ја прочита книгата со колумни на неговиот татко, туку го вброија и во редовите на длабоката држава. Само не кажаа чија?! Зашто, многу ги има.
Што чекаа и што правеле сите членови на Владата, од премиерот, па до последниот министер без ресор во изминатите две години? Сакаат да не убедат и да ни кажат дека сите, ама апсолутно сите биле немоќни пред цврстината и дипломатската самобендисаност на Никола Димитров? Па тоа е апсурд над апсурдите! Еден човек, па било тој да е и вицепремиер за европски интеграции и да сака не може да ја влече цела Влада за нос.
Но, работата е во нешто сосема друго. Кирил Петков не дојде во Скопје со некаква суштинска порака. Повеќе лебдеше старата сенка, само сега во ново пакување. Бугарскиот премиер ја користеше истата фраза, што досега ја користеа и сите негови претходници, па и претседателот Румен Радев, а тоа е дека нема ништо против македонскиот идентиет и јазик. Но, притоа не го кажа клучот за отворање на затворената врата.
Дали притоа мисли на подготвеноста и ставот на Тодор Живков за признавање на македонскиот народ и јазик без никакви временски ограничувања или, пак, и тој се вбројува во редот на речиси целата бугарска политичка елита дека Македонците и нивниот македонски јазик постојат само од 1944 година?!
Само со менување на пакувањето, без конкретни одговори на двете суштински прашања, сите можни позитивни чекори ќе бидат бесзначајни. Зашто, не можат да се водат преговори под притисок на дилемата дали Македонците ќе бидат бугаризирани пред, за време или пред самиот прием на Македонија во членството на ЕУ!
Comments are closed for this post.