Оваа колумна е објавена на страниците на Дневник во 2015 година. Ја реобјавувам целосно, со додаток на крајот.

Во едно интервју за Ројтерс, дадено од просториите на амбасадата на Еквадор во Лондон, Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, изјави дека не планира да го следи примерот на унгарскиот кардинал Јозеф Мидшенти кој цели 15 години поминал во азил во амбасадата на САД во Будимпешта во минатиот век. Асанж е веќе повеќе од три години азилант во еквадорската амбсада во Лондон. Тоа што шведското обвинителство симна три обвиненија за сексуален напад, не значи дека маките на Асанж кои му ги предизвикува шведското обвинителство се завршени – против него има и обвинеие за силување, кое правно може да истече во 2020 година, ако дотогаш шведските истражни органи не го испитаат Австралијанецот.

Целава оваа сага со Асанж и Шведска наликува како игра на мачка и глушец и тоа без потреба. Асанж е во право кога стравува да се појави пред шведските истражители, зашто Шведска не може да гаранира негова безбедност, како ни можно испорачување во САД, каде што американската армија веќе го има прогласено за непијател на САД. Од друга страна, пак, шведските истражители не ја прифатија понудата тие да го испитаат Асанж во еквадорската амбасада. Што би пречело тоа? Асанаж, значи, не вика дека не сака да соработува во истрагата, туку вели дека сака да поживее.

Они кои го следат житието на Асанж ја знаат и епизодата со неговиот престој во Шведска каде тој треба да одржи повеќе предавања, оти Викиликс е глобален феномен. Платформа која ги поместува гранците на модерниот журнализам. Заради која им се тресат гаќите на владите. Кога Асанж станува опасно копиле. И тнт. Во тие денови на слава, според „Неавторизираната биографија на Џулијан Асанж“, тој бил нагости кај една колешка, која вечерта му се пикнала во креветот. Потоа и нејзина колешка се мазела со Џулијан, а потоа по еден подолг период тоа мезење испаѓа дека било сексуално насилство, па дури и силување. Дали? Ова е засега главниот проблем на Асанж.

Но, основната поента заради која е соодветна врската со кардиналот е – слободата. Кардиналот се борел за слободата на верата, Џулијан за слободата на новинарстото. И со двете слободи се удира во системите, без дилеми, па затоа и ја плаќаат/платиле цената. Денес Асанж, кој цели три години не зачекорил подалеку од еквадорската амбасада можеме да го сметаме за затвореник. Но, и во таква сосотојба тој е опасен.

Секако, има многу прашања како ќе се заврши ова со Асанж. До кога ќе остане во амбасадата? Дали ако судски се исчистат неговите „шведски гревови“ тој ќе може да живее како слободен граѓанин? Или, зошто ако станува збор за одбрана на слободата на новинарството никој не се огласи на неговиот повик и не му даде азил. Како на приер Оланд, кој беше замолен да реагира како хуманист. Оној Оланд кој заедно со претходните претседатели на Француската Република бил прислушуван од американската НСА. И токму на „случајот Асанж“ можеме да видиме колкав е јазот меѓу владите и цивилниот сектор – дека владите реагираат како клонови кога е во прашање Асанж и Викиликс, додека невладините се борат за принципите.

И додека Асанж ги поминува деновите во заточеништво, ние продолжуваме да добиваме информации за тоа каде се движи нашата цивилизација. Последното е дека и гигантот „Ат&Т“ имал огромна улога во шпионските активности на Американците особено во следењето на комуникациите во ОН. Но, компанијата им овозможила на разузнавачите да имаат пристап до милијарди имејлови на обичните американски граѓани. Беше обвинет и Гугл дека собирал приватни информации за американските разнунавачки агенции. Но, едно истражување покажало дека и покрај ова масовно следење дури 53 проценти од Американците поддржале судење против Едвард Сноуден, уште една црна овца во семејството кое доброволно прифаќа ропство. Оти овој устоличен систем на контрола што  е ако не доброволно ропство? Токму протв тој систем се бори нашиот последен Мохиканец, еден идеалист кој иако не може да мрдне од еквадорската амабсада, сепак, ја продолжува борбата и сега бара податоци за тајните преговори меѓу САД и ЕУ за трговското партнерство и креирањето најголема слободна трговска зона. А, замислете, дел од британскиот печат се фатил за тоа колку државата потрошила за стражарите пред еквадорската амбасада. Демек многу се потрошиле за еден Асанж, цели 16 милиони евра.

А, во прашање е всушност моќта и контролата, не само на информациите, туку на сé. Асанж, пак, е предизвикувачот кој ја има моќта да шета низ тие тајни коридори на моќта. Тоа е повеќе од обичен предизвик.

П.С. Асанж вчера речиси како партал беше исфрлен од амбасадата на Еквадор, апсен и експресно пикнат во затвор. Врз Асанж се прекршија многу закони и конвенции, а тоа го потврдија и ОН кои рекоа дека Австралијанецот кој го основаше Викиликс всушност иако бил азилант во еквадорската амбасада, тој де факто бил казнет. Немал слобода на движење, не смеел да излезе и тнт.

Што понатаму? Џулијан Асанж направи доволно за сите кои веруваат во слободата на новинарството, за сите кои сакаат правда и вистина, за сите на кои им се грози светот од двојните стандарди, за сите кои не им веруваат на своите и туѓите влади. Асанж е споменикот на модерното време, тој е светилникот кој покажа дека владите ве следат. Дека ве контролираат. Дека ве продаваат, дека си играат со националните интереси…дека создаваат војни, вируси….И сега ако е докажано дека владите и нивните структури го правеле тоа, тогаш кој ќе има морална сила да седне и да го суди Џулијан Асанж за тоа?! Да му суди всушност на слободното новинарство!