Неспособните се способни, способните да ги направат неспособни.

                                                                                 Блаже Конески

 

Оваа мисла на македонскиот великан можеби најточно ја отсликува состојбата во која се најдовме и како држава, и како, народ, па ако сакате и како нација, по потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и пријателство со соседна Бугарија на 1 август 2017 година.

А, кулминација беше само свечената промоција на културниот центар „Иван Ванчо Михајлов“ во Битола на која присуствуваше цела бугарска политичка булумента, само симболично во знак на поддршка на зачувување на правата на македонските Бугари.

Велам симболично, зашто во суштина пред очи, што значи ачик, официјална Софија повеќе од јасно ни ја прати пораката дека Македонија не ја гледа никако поинаку, освен како втора македонска држава и ако сака официјален почеток на преговори за членство во Европската унија, тогаш ќе мора да прифати дека не постојат Македонци, туку само македонски Бугари. И притоа уште еднаш, по којзнае кој пат, ја употреби својата добро позната тактика-„Со арно, со кроце и со малку ќотек“.

И во настанот во Битола имаше многу симболика. Не само заради изборот на името на културниот центар. Туку и поради означување на датумот на кој царска Бугарија ја изврши својата окупација на Вардарска Македонија, што сега, со бугарскиот историски ревизионизам, надвор од сите меѓународни норми и стандарди, треба да ни се претстави како ослободување или администрирање.

Гледам и читам дека домашната јавност и целата политичка елита во земјата, посебно од власта на СДСМ, ДУИ, Демократски сојуз, НСДП, се најде изненадена. Па, сега на јаве се лицитира со разно-разни предлози. Од менување на тактиката во преговорите, преиспитување на позицијата, па до целосно прекинување на разговорите во делот на историјата.

„А, шо мислевте ка се онадевте“?! Оваа кавадаречка фраза никогаш не губи од својата актуелност. Конкретно, во случајов, пак, се однесува на тоа што мислеа пратениците од власта кога креваа два прста за прифаќање на Договорот, наспроти сите предупредувања и од опозицијата, и од добронамерните проследувачи на македонско-бугарските состојби, кои укажуваа, пред се, на асиметричноста и на опасноста од прифаќањето на формулацијата „заедничка историја“ за која имаше заменска-„заеднички процеси во историјата“.

Но, тогаш сите беа неми и глуви. Опиени од „великиот ум“ на тогашниот премиер, а сега во сенка Зоран Заев, веруваа во неговата мантра дека се зависи од тоа како ја гледаме чашата со вода, дали како полупразна или како полуполна. Штета што записниците од затворената собраниска седница се уште имаат степен на класифицираност за да може јавноста, врз основа на стенограмите да донесе правилен суд. Ама барем имаше затворена седница.

Сега нема ни собраниска седница, ни дебата за содржината на македонскиот одговор на португалскиот предлог, ниту некој ја споменува чашата со вода, која одамна испарила. Власта на СДСМ и на ДУИ, а особено премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи си тераат по свое. Како секој ден да стојат пред огледалцето чекајќи го познатиот одговор дека се најубави и најумни на светот. За нив не постои Снежана. Само они, па они и никој друг покрај нив.

Ај, тоа можеби и ќе може некако да се проголта, ама лагите, што им ги пласираат на јавноста не може ни Господ да им ги прости. Исто како што на Бојко Борисов и на Екатерина Захариева, не историјата, туку ни Господ нема да им прости, што само на Македонците решија да го промовираат својот „великобугарски шовинистички свет“ по теркот на „рускиот“ и „српскиот“. Без разлика дали ќе се поистовети како богданфиловски или бандеристички, зашто во неговата основа лежи неонацизмот. Тоа што синот на Цар Борис III, поранешниот премиер Саксобурготски само ја прилагоди фразата на својот татко-„Секогаш со Германија, никогаш против Русија“ во „Секогаш со Европската унија, никогаш против Русија“ нема никакво значење.

Замислете, Бујар Османи сега говори за настап од либерални позиции. Да му пукне душа на човека. Голиот етноцентрист облака на либерално руво! Па тоа му доаѓа некако исто како Зоран Заев да зборува за вистина! Две работи, што немаат никаква врска една со друга.

Па може ли толку да не работи сите во здрав мозок и да има толку сериозни проблеми со вистината!? Да крие дека македонската страна ги испратила одговорите на португалскиот предлог познат како патоказ 5+1 уште на 21 декември!?

Да крие дека официјална Софија, покрај неговото експресно отфрлање, официјално негативно одговорила уште во февруари годинава!? Очигледно може. Ама со тоа не чини никому добро. Напротив. Отворено придонесува за поларизација на општеството, што во овие крајно сензитивни моменти на извесен начин значи и украинизација на Македонија! А, во тоа има поддршка и од премиерот намесник Димитар Ковачевски!

Обајцата се лажат ако мислат дека вината за поларизацијата во општеството ќе можат да им ја припишат на опозицијата или на Македонците под изговорот за некакво измислено и наметнато русофилство или анти-НАТО и анти-ЕУ расположение. Не, тоа веќе не минува.

И оној поранешниот министер за надворешни работи, а потоа и вицепремиер за евроинтеграции, забравам му го името, Никола Димитров ли беше или „патлиџан дипломатот“ од кариера, се обидува да прави некаква разлика во водењето на политиката и во ставовите на претходната и оваа, актуелна Влада кон Бугарија! Абре човече, оди сокри се негде или летни во странство кај некои други работодавци. Само да не те гледаме. Па според датумот кога биле испратени македонските одговори, 21 декември, он беше вицепремиер за евроинтеграции! И што сега сака да каже-дека не знаел што се случува и дека не бил запознат со нивната содржина?

Ај можеби некого и ќе може да убеди во тоа. Тајмингот некако се совпаѓа со неговите апетити да биде наследник на премиерската позиција на Заев. Ама огромното мнозинство од јавноста тешко. Зашто, никој не му верува, а и неговиот збор не вреди ни пет пари.

Ако од оваа временска дистанца се погледне содржината на заедничката декларација од 1999 година, што ја потпишаа тогашните премиери на Македонија и на Бугарија, Љупчо Георгиевски и Иван Костов, може да се забележи дека ниту во еден нејзин дел не се споменува историјата, а камо ли терминот „заедничка историја“. Актуелната стратегија за „Бугарската политика спрема Република Македонија“ е изготвена дури во јануари 2007.

И просто зачудува фактот, што ниту безбедносните служби, ниту дипломатијата, ниту политичката елита, такви какви што биле и се, не успеале да „прочитаат“ што навистина се крие зад неа! И сега, оф леле мајко! Е, оф леле, де!

По бугарската парада во Битола и во Охрид, сите маски се паднати. Време е за избори! Ако не сакаме и натаму неспособните да бидат способни, способните да ги прават неспособни.

ПС: Власта сака да ги направи членовите на СОНК главни виновници за штрајкот, демек не се согласуваат со понуденото покачување на платите. Аман веќе од тоа ку*чење без покритие. Кога Владата го подготвуваше буџетот за годинава и популистички ја зголеми загарантираната минимална плата не мислеше на важечките колективни договори!? Или мислеше дека во услови на секаков вид кризи на дневна основа ќе се пазари со секој синдикат поединечно и дека сите ќе бидат подготвени да живеат на почек!? Ако децата имаат право на образование, зарем просветарите немаат право на живот!?