СДСМ оди против предлозите на меѓународни експерти, кои партијата сама ги повикуваше, се во обид да ја зајакне контролата врз медиумите.

Во собраниска процедура е влезен предлог за измена на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој изборот на членови на советите на агенцијата АВМУ и на Македонската Радио Телевизија ќе се врши просто мнозинство во Собранието – наместо со двотретинско мнозинство.

Проблемот е во тоа што во времето на Шарената револуција СДСМ и голем број невладини организации блиски до нив инсистираа токму на ова решение – и опозицијата, а не само власта да се праша кога ќе се именуваат членовите на институции преку кои се информира голем дел од јавноста во Македонија, односно се регулира работата на македонските медиуми.

Предлогот за вакво решение во 2018 година официјално беше поддржан од експертот на Советот на Европа Бернард Мовес.

Мовес предупреди на опасност со преголемиот опфат на законот да се дојде до преголема регулација и истакнува дека нема јасна разделба меѓу државната и саморегулацијата. Предупредува и на отворената можност за политичко влијание врз Агенцијата за медиуми како регулаторно тело и препорачува поинакво конципирање на составот на членовите на Агенцијата, односно членовите во советот да се бираат со двотретинско мнозинство во Собранието, пишуваа медиумите во пресрет на измените на законот.

Критика на предлогот дојде од низа медиумски здруженија кои во минатото го поддржуваа предлогот на СДСМ за воведување на двотретинско мнозинство при изборот на членови на советите на овие две институции.

Дел од нив предлагаат да се направи нов обид за избор на членови на советите согласно постоечкиот закон, со широк мандат од сите најголеми партии во Собранието – нешто што досега не се случи.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) велат дека е факт дека овој процес сега е закочен во Собранието поради несогласувањата меѓу власта и опозицијата, но оти „партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит системот“ за избор на лицата во овие тела. Пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постојните закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав, соопштија овие четири организации.

И ВМРО-ДПМНЕ во осуди лицемерието на СДСМ да бара поништување на закон на чие донесување СДСМ инсистираше кога беше во опозиција.

A иронијата да биде поголема, дел од пратениците на СДСМ кои беа потписници за предлагачи на претходниот закон со кои се предвидуваше членовите да се избираат со двотретинско мнозиство, се предлагачи и на овие промени, изјави Бранко Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Како опозициска партија, СДСМ инсистираше да и се даде контрола врз АВМУ во предизборниот период во 2016 година. Изборите двапати се одлагаа на барање на СДСМ во голема мерка поради притисокот кој оваа партија сакаше да го изврши врз медиумите преку АВМУ, и формирањето на таканареченото ад-хок тело остана една од последните точки од Пржинскиот договор.

Со мнозинство во ова тело, претставниците на СДСМ и на невладиниот сектор поведоа десетици прекршочни пријави против медиуми кои не известуваа по нивна желба, паралелно користејќи истраги на СЈО да им се заканат на нивните сопственци.