На булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода малку пред полноќ полицајци ги пронашле двете изгубени девојчиња од Струмичко, кои повеќе од осум часа се водеа за исчезнати. Девојчињата биле исплашени и талкале во обид да го пронајдат патот до „Веро Џамбо“, каде што биле последен пат со групата ученици и наставниците со кои биле на Саемот на книгата.

Полицајците ги препознале, откако ги пресретнале. Ова за ММС го раскажа Марјан Јанков, роднина на едно од девојчињата.

-Голем, огромен број на полицајци беа во потрагата, за што сме многу благодарни. Имаше и многу граѓани. Само од Петралници имаше над 30 луѓе во потрага. Имаше и од Струмица, Босилово, граѓани на Скопје. Децата прво се шетале, а потоа залутале. Сега се добри, иако исплашени, изјави Јанков.

Иако и двете девојчиња на 12 и 14 години имале мобилни телефони со себе, не можело да се воспостави контакт со нив, бидејќи батериите им се испразниле. Додека лутале во обид да најдат пат до таму каде биле оставени, не се обиделе да прашаaт каде да се упатат, туку едноставно само се движеле.

извор ММС