99,8 милиони евра (6.138.767 000 денари). Толку пари ќе добијат земјоделците годинава од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството. Сумата која што денеска ја презентираше министерот за земјоделство Љупчо Николовски е помала од сумата која беше најавена во ноември минатата година, кога министерот изјави дека субвенциите ќе изнесуваат 107 милиони евра, но и за  10 милиони евра помалку од лани кога се исплатија 110,1 милиони евра.

Ако се земе предвид и  предизборната програма „План за живот“ каде јасно стои дека владејачката СДСМ ветува 160 милиони евра само за субвенции, значи дека земјоделците не само што нема да го добијат ветеното, туку многу помалку.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пак вели дека субвенциите не се намалуваат туку тенденција било  да се намалуваат средствата од Програмата за финансиска поддршка, на сметка за Програмата за рурален развој.

Николовски кажа дека субвенциите ќе се исплаќаат на време и дека во новата програма има нови мерки кои ќе ја вратат  развојната компонента и ќе придонесат за зголемување на производството, обработливите површини, бројот на добиток и доходот на земјоделците.

Нова мерка што  првпат се воведува е „зелената нафта“, проектирана на 200 милиони денари што ќе ги добијат 55 илјади земјоделци, производители на полјоделски, градинарски и овошни култури, како и лозови насади. Следната мерка е за малите земјоделски стопанства до еден хектар и изнесува 6.000 денари за хектар до 0,5 хектари површина и 12.000 за хектар за површина од 0,5 до 1 хектар, информира министерот.

За поттикнување на јаболкопроизводството субвенциите за одржување насади годинава се зголемуваат од 33.000, на 41.000 денари по хектар, а за овоштарите кои имаат еден до пет хектари поддршката расте од 39.600 на 50.000 денари. Во делот на градинарството, како што нагласи Николовски, се олеснуваат критериумите за аплицирање, односно се воведува пријавување на збирна засадена површина.

Со програмата двојно се зголемува поддршката за оризот, од 6.000 денари на 18.000 по хектар. Значителни субвенции ќе добијат производителите на сончоглед, 23.160 денари по хектар оние што имаат од пет од 50 хектари и користат сертицифирано семе, додека оние што не се во овој опсег но користат сертицифирано семе ќе добијат поддршка од 15.000 денари.

Се зголемуваат субвенциите и во сточарството, за предадено овчо и козјо млеко од четири на 4,5 денари за литар. Министерството, посочи Николовски, посебен акцент става на живинарството.Од 33 на 40 денари се зголемува субвенцијата за одгледани и заклани бројлери за да се поттикне производството, а од 25 на 125 денари расте поддршката за заклани несилки. Двојно повисоки субвеници има и за произведените еднодневни пилиња.

Поддршката во програмите е јасно разграничена, и неможе да се совпаѓа за иста категорија производи или некоја друга намена. Исклучок е механизацијата чија набавка ќе може да се покрива и од програмите за поддршка и од ИПАРД.