Заради Заев и неговите лоши политики во земјоделството, 7 милиони килограми тутун ќе останат неоткупени, а со тоа егзистенцијата на илјадници семејства виси на конец. Хибридниот режим удира врз секоја една гранка на економијата, ова денеска преку прес-конференција го истакна Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Изминатиов период алармиравме дека со дозволата за увоз на тутун ќе се наруши домашниот биланс и дека ќе се јават проблеми при откупот. Но надменоста на СДСМ не дозволи да не послушаат и за личен профит ја загрозија егзистенцијата на илјадници семејства во Република Македонија. Низ сите тутунарски региони во државата има пријавено некаде над 7 милиони килограми недоговорен тутун, за кој директна вина носи владата на СДСМ и МЗШВ, бидејќи замижаа кога им се намалуваа договорите на тутунарите. Со оваа динамика на откуп најголем дел од тутунот ќе остане неоткупен. Дополнителен проблем за тутунарите е тоа што тутунот го предадоа по историски најниски цени. А оној што ќе остане, во огромен дел нема да можат ниту да го продадат, вели Трипуновски.

Тој додава дека има уште половина месец до крајот на откупниот период, а оваа количина ќе остане неоткупена. Власта не им помага на тутунарите, цело време ги лаже и не успеа ниту да се договори со откупивачите, барем да им обезбедат амбалажа за вишокот на тутун, а не пак да се покачи откупната цена како што изминатиот период им ветуваа на тутунарите.

Хибридниот режим на СДСМ  уште еднаш го одби нашиот предлог за зголемување на субвенцијата за предаден килограм, затоа што не сака решение, и не сака да им помогне на тутунарите, туку само работи за својот и бизнис интересот на луѓето блиски до нив. Апелирам уште еднаш, да престане да се користи земјоделството како монета за поткусурување и профити за неколку играчи блиски до врвот на власта. Внимавајте што правите, на пат сте целосно да го уништите земјоделството во Република Македонија, додава Трипуновски.