На патот од Тетово до Попова Шапка се поставува нов асфалт во должина од 18 километри и 200 метри. Врз делница Тетово-Попова Шапка се прави „жолт фидинг“ што подразбира санирање на дупки па поставување асфалт над целиот коловоз. Денеска увид извшија министрите за транспорт и врски и за економија, Горан Сугарески и Крешник Бектеши, директорот на Јавното претријатие за државни патишта Зоран Китанов и тетовската градоначалничка Теута Арифи.

Овој е еден од основните патишта кои минатата година веднаш го ставивме за проектирање и рехабилитација бидејќи сакаме да развиваме туризам, сакаме да ги развиваме нашите туристички места. Тетово-Попова Шапка е еден од дванаесетте патишта ставен преку проект на Светска банка преку „жолт фидинг“ да се гради и рехабилитира, изјави Китанов.

Министерите Сугарески и Бектеши на новинарски прашања дали се размислува за градба на нова жичарница, истакнаа дека во моментов се размислува што треба приоритено да се направи.

Владата сериозно размислува и она што во моментов се случува е првиот показател. Минатиот период многу се зборувало дека се сака да се инвестира, но тоа треба да се случи на дело. Владата инвестира во делот на патот и не само во делот на патот и секаде каде е потребно, бидејќи Попова Шапка е еден од клучните туристички центри во нашата држава и тоа ќе се случи, рече Сугарески.

Министерот Бектеши посочи дека во моментов се прават две анализи за економска оправданост за инвестирање во иднина што се под надлежност на Елем Турс.