Неуспешниот референдум не значи девалвација на денарот, порача премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. Тој нагласи дека како економист и како претседател на Владата ги следи трендовите во земјава.

 Стабилен е денарот, финансиската моќност на банките и на Народната банка се добри, а е силен перформансот и на економијата, финансискиот капацитет на државата е зајакнат, стабилен е и Буџетот, економијата расте, растат и странските инвестиции. Можеме само да го зајакнуваме денарот, рече Заев.

Прашање е, додаде, дали по успешниот референдум сето ова ќе биде уште поимпозантно и подобро и дали ќе има раст кој граѓаните практично ќе го почувствуваат.

 Како претседател на Влада на тоа се надевам и за тоа се борам и знам дека ќе успееме, потенцира Заев.

На прашањето дали неуспешниот референдум би значел и предвремени парламентарни избори, претседателот на Владата посочи дека референдумот дава сериозни насоки за политичарите.

  За успешноста одлучуваат тие што гласаат, а тие што не гласаат не се ни бројат. Ако има мнозинство со „против“ макар и еден глас повеќе, тоа значи јас и Парламентот сите го поништуваме договорот. Ако има видливо огромно мнозинство со „за“, тоа значи дека сите без разлика дали се власт или опозиција треба да ја следат насоката што ја дале граѓаните. Верувам дека гласот на граѓаните и одлуката на граѓаните е правецот по кој ќе се движат политичките партии. Штом граѓаните одлучуваат ние политичарите ќе добиеме патоказ и само треба да го следиме тој патоказ, рече Заев