ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Владата потфрлила во планираното полнење на буџетот со даноци. Како што соопшти портпаролот на партијата Наум Стоилковски, за пет месеци годинава недостасуваат, односно има буџетска дупка од 3 милијарди денари.
Од партијата велат дека тоа значи дека нема да има пари за пензии, за администрацијата, за услуги кон граѓаните, за болници, за училишта, а дополнително ја обвинија власта дека не се откажува од луксузот и од лошите економски политики.
„УЈП и Владата немаат одговор на што се должи толкаво потфрлање, дупка во полнењето на буџетот на име на собрани даноци во висина од 50 милиони евра, што е пак вовед во нов економски иден шок наскоро, нови потреси во државата, нови отежнувања на животот на граѓаните кои тонат во сиромаштија“, изјави Стоилковски.
Тој додаде дека 50 милиони евра разлика од планираното и реализираното даночење е показател дека спротивно на лагите на Заев, на Тевдовски и на Анѓушев, економијата не цвета, а Македонија не блеска, дека платите реално не растат, економската активност е намалена и дека нема нови вистински инвестиции.
„Лагите на Заев, на Анѓушев и на Тевдовски дека Македонија блеска не го полнат буџетот. Повисокиот данок, лошата економска политика, акцизите, вештачкото зголемување на платите и политичките лаги на Заев не го подобрија животот, не ја подобрија услугата на државата кон граѓаните. Напротив ги бркаат компаниите, и домашните и странските, граѓаните живеат полошо, а квалификуваната работна сила од работници до ИТ инженери ја напуштаат државата секојдневно“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ ветуват дека кога ќе се вратат на власт, ќе го вратат рамниот данок и веднаш ќе ја намалат акцизата на горивата, како приоритетни економски зафати за стабилизирање на македонска економија.
Comments are closed for this post.