Владата во 2019 е еден од најголемите јавни потрошувачи со склучени договори во вредност од 263,7 милијарди денари, или околу 4,27 милиони евра преку генералниот секретаријат, објави минатата недела Бирото за јавни набавки по обработката на тендерите кои се договарале нешто повеќе од една година. Една година претходно не се нашла на листата на десетте државни органи со највисока вкупна сума на тендери, ниту пак во 2016, а во 2017 збирот бил 116 милиони денари.

Службата за општи и заеднички работи на Владата овој пат има 253 милиони денари, откако една година претходно беше меѓу првите воопшто со 945 милиони. И генералниот секретаријат и службата за општи и заеднички работи се во првите десет државни органи со највисоки суми предвидени за склучените договори за јавни набавки. Тоа значи дека вкупно Владата ќе потроши 517 милиони денари за склучени договори од 2019.

Сепак втора година по ред на прво место е Министерството за здравство, овој пат со 1,75 милијарди денари како државен орган со највреден збир на тендерски зделки. Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, која една година претходно не се најде меѓу првите десет, е втора со 1,234 милијарди денари.

АД Електрани на Северна Македонија со 90 милиони евра за јавни набавки, или поточно 5.440.883.593 е убедливо прв не само кај јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, туку кај сите јавни потрошувачи. Поранешен ЕЛЕМ бил прв на листата и една година претходно, но тогаш сумата изнесувала 2,9 милијарди денари, односно предвидената сума тогаш не ја поминала ниту границата од 50 милиони евра.

Втор во рангирањето како јавен потрошувач е Јавното претпријатие за државни патишта со 2,74 милијарди денари, односно со околу 570 милиони денари повеќе од една година претходно.

Град Скопје е трет со 1,33 милијарди денари, или со околу 450 милиони денари повеќе за договорени тендери споредено со 2018. Од општините, Куманово повторно е прв со 476 милиони денари. Од локалните претпријатија, ЈП Водовод и канализација – Скопје е прв со 930 милиони.

Годината биле доделени 36.065 договори со вредност од преку 900 милиони евра Според податоците со кои располага Бирото, вредноста на склучените договори е зголемена за 20 отсто, а бројот за 6 проценти за една година.

извор: Фактор.мк