Владата размислува и ги гледа сите можни опции за одделување на плажите од надлежностите на општините Охрид и Струга во делот на нивно стопанисување, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Нола Исмајлоска Старова за тоа кога ќе се случи мораториумот за градба на охридското крајбрежје, Сугарески рече дека е свесен за тој проблем, но согласно Законот за располагање со градежно земјиште ингеренциите се под општините Охрид и Струга.

Се разгледуваат сите можни опции за да не се случуваат и понатаму вакви работи, државата да си ги преземе сите надлежности, но тоа мора да го најдеме низ законска опција. Точно ги знам заклучоците од надзорната расправа на УНЕСКО и врз база на тоа со заклучок на Влада имаме донесено одлука дека треба да се преземат сите обврски, за државата да стопанисува со крјабрежното подрачје и во Охрид и во Струга. Во најбрз временски рок очекуваме дека ќе биде поднесена измена и дополнување на законот со целМинистерството за транспорт и врски да располага со плажите – изјави Сугарески.