Вицепремиерот Фатмир Битиќи, најави можност за воведување прогресивен данок, но, како што вели, за богатите кои за време на пандемијата станаа уште побогати, намалување на персонален данок во одредени сектори кои најмногу настрадаа од короната, но и воведување на кризен данок.

Даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување. Јас велам – зошто да не. Кризата покажа дека некои богати станаа уште побогати. Заради идеолошкото верување, сметам дека треба да има прогресивно оданочување. Богатите треба да платат и да вратат на посиромашните. Ако тоа значи воведување на нов данок за посиромашните – велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено – вели Битиќи.

Од опозицијата, пак, обвинуваат дека со даночната реформа која е во подготовка повторно ќе се удри врз стопанството и стандардот на граѓаните.

Ќе имаме корекција во даноците, не го бараме решението кај себе, туку повторно удираме по бизнисот и граѓаните и ги зголемуваме даноците наместо да најдеме начин да ја намалиме сивата економија и така да се зголемат приходите во буџетот. Ние остануваме на нашата политика, а тоа е рамен данок и негово намалување до ниво од 8 проценти – вели, претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

По актуелизирање на идејата за прогресивен данок од страна на академикот Таки Фити, од пред неколку дена, многу реакции стигнаа на адреса на сивата економија, односно дека не не е легитимно да се зборува за зголемување на даноци кога даночната евазија се приближува до 40 проценти.