Ќе се забрзаат  градежните активности на автопатската делница Охрид – Кичево и паралелно  ќе се регулираат  нерасчистените имотно-правни односи, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски

– Преговорите со кинеските изведувачи се во финална фаза, со очекување наредните денови да мине анекс-договорот пред Влада и во Собранието на одобрување и да се ослободат преостанатите 230 милиони евра од „Ексим банката“, а дополнително да биде соопштена и преостанатата конечна сума потребни средства за реализација на проeктот. Имаме сериозно убрзување на процесот на експропријација, a познато е дека согласно договорот рокот на изградбата е 2021 година, изјави  Сугарески.

Министерот денеска од Охрид најави – целосна реконструкција на булеварот „Туристичка“, на регионалниот патен правец од Охрид до селото Подмоље, делницата од Подмоље до Струга, како и патниот правец од Струга до граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница.

– Владата на вчерашната седница ја прифати кредитната линија на Светската банка во вредност од 70 милиони евра, со кои државата на општините дополнително ќе им помогне за реализација на предвидените инфраструктурни проекти, рече Сугарески по средбата со охридскиот градоначалник Јован Стојаноски.

Градоначалникот Стојаноски дополни дека во соработка со Министерството за транспорт и врски ќе се реализира и инфраструктурниот проект за изградба на водоводот од каптажата „Дувло“ до Охрид, односно решавање на потребите со водоснабдувањето на градот со подобрување на инфраструктурата на водоводната мрежа кон селата Лескоец, Косел, Свињишта, Опеница и другите населени места на тој потег во насока на Ресен.