Обединетото Кралство е меѓу земјите со кои Македонија има најголем обем на трговија и тоа во првата половина на 2018 со истиот период во 2017 година, е регистриран раст од над 17 отсто.

Билатералните односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство создадоа традиција на добри меѓусебни релации, со динамичен дијалог на владино ниво и зголемена разновидна секторска соработка во институционалниот развој, зголемена трговија и инвестиции. Ова беше истакнато во соопшението по повод средбата на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев  со новоименуваната амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Рејчел Галовеј.

На средбата покрај изразеното добредојде, Анѓушев и Галовеј го искажаа и својот искрен оптимизам за продолжување и зајакнување на економската соработката меѓу двете земји.

Вицепремиерот Анѓушев на средбата посочил дека транспарентното креирање на економските мерки за поддршка на целото стопанство, кои опфаќаат од старт ап компании, преку мали и средни се до големи фирми даваат резултати.

Амбасадорката Галовеј на средбата ја искажала својата увереност во позитивната насока каде се движи земјата и ја потенцирала својата заложба во постигнувањето на целите во сеопфатниот развој на државата и во полесно премостување на сите предизвици во политичкиот, институционалниот, економскиот и културниот напредок.