Оперативен центар за мониторирање и безбедност на патиштата е во функција од денеска кај наплатниот пункт „Петровец“, со што стартуваше и електронскиот систем за наплата на патарините Романовце, Отовице, Сопот и Градско на Коридор 10, како и на наплатната станица Петровец.

Патарината се плаќа со бесконтактни смарт-картички и со микробранови транспордери, а покрај тие опции, одреден временски период останува и можноста за плаќање во готово.

 Електронското плаќање на патната такса ќе го елиминира застојот на пунктовите за наплата, ќе го забрза протокот на возилата, истакнаа на свеченоста премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Првата електронска картичка ја додели премиерот Заев, кој истакна дека на Коридорот 10 е воспоставен систем со врвна технологија што значително значително ќе ја намали можноста за манипулација.

Имајќи предвид дека наплатата на патарините веќе ќе може да се врши без запирање на возилото, односно тоа само треба да ја намали брзината на движење и наплатата се врши автоматски, ќе се придонесе и кон зголемување на протокот на возила и комфорот на граѓаните и патувањата. Дополнително корисниците на електронските картички ќе добиваат попуст при секое надополнување, рече Заев.

Еднократниот износ за картичката ќе чини 100 денари и таа ќе се надополнува со најмалку 300 денари, додека за таговите, што ќе се поставуваат на предното ветробранско стакло за да може електронскиот систем да ги чита од далечина, ќе чинат 1.200 денари со надополнување преку интернет. При електронското плаќање ќе има попусти од два до седум проценти, а старите цени на патарините ќе важат при плаќање во кеш.

 Картичките и таговите ќе може да се купат на наплатните станици на Коридор 10 и во Контролниот центар во Петровец по што во наредниот период продажната мрежа ќе се прошири во институци со кои ќе склучиме  договори за дистрибуција. Најдоброто нешто е што кога еднаш ќе земете картичка, нема повторно да мора да доаѓате за надополнување, бидејќи има веб апликација и може сами да ја надополните на телефон, рече Китанов, кој очекува до крајот на годинава 30 до 50 проценти од учесниците на сообраќајот да користат електронски систем на наплата.

Новиот систем за наплата  е целосно интероперабилен со наплатните системи во останатите држави. – Тоа значи дека со уредите за електронска наплата (таг-ови) ќе може во иднина да се плаќа патарина во други држави. Веќе сме во интензивна комуникација со институциите во Европска унија  транспортерите да можат секаде кога ќе патуваат низ Европа да можат да го користат таг-от што ќе го набават тука, појасни Китанов.

Преку Оперативниот центар ќе се контролираат сите патарини на Коридорите 10 и 8, а со него ќе бидат поврзани и камерите што во иднина треба да бидат поставени покрај сите автопатишта и постојниот контролен пункт во Неготино, кај автопатот Демир Капија – Смоквица и пунктот што ќе се гради кај автопатот Кичево – Охрид.

Првично ќе се мониторираат само наплатните станици по што ќе го унапредиме системот да врши контрола и на сите клучки на Коридорите 8 и 10. На овој начин ќе го забрзаме протокот на возила и ќе го унапредиме сообраќајот преку зголемување на безбедноста. Тесните грла, особено во летните месеци повеќе ќе ги нема, рече министерот за транспорт Сугарески.

Тој потенцираше дека проектот е предвиден и со националната транспортна стратегија преку воведување на Интелигентен транспортен систем со кој ќе се олесни транспортот и ќе се зголеми функционалноста, безбедноста и предвидливоста на сообраќајот на патиштата.

Модернизацијата со новиот начин на наплата на патарините и оперативниот центар за мониторинг и безбедност на патиштата се реализираат со 18,6 милиони евра, од кои 15,8 милиони евра од ЕБОР. Изградбата на оперативниот центар чини 1,5 милини евра. Објектот е изграден на површина од илјада квадратни метри, содржи сервер сала, просторија за архивирање на техничка документација, центар за контрола, мониторинг и управување со наплата на патарини, кол центар за добивање информации, просторија за продажба…

Според Китанов, целосна дигитализација на сите патарини може да се очекува до мај следната година. Во тек е тендерска постапка за избор на изведувач за имплементација на електронски систем за наплата на патарина на петте постоечки наплатни станици долж Коридор 9 (Миладиновци, Глум,ово, Желино, Тетово и Гостивар), како и за изградба на патарините на автопатите Штип Миладиновци и Кичево – Охрид. За проектот ќе се обезбеди заем од ЕБОР во износ од 13 милиони евра.

Проектот почна со потпишување Договор помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта со турската фирма „Аселсан“ во ноември 2014 година и активностите требаше да се реализираат заклучно со јуни 2016 година. Со анкес на Договорот динамиката беше продолжена до март годинава.

Модернизацијата на системот за наплата на патарината, како што наведе Заев, е комплементарно на проширувањето и реконструкцијата на патната мрежа, досега се изградени 480 километри патна мрежа, во врендост од 533 милиони евра. Во тек е изградба, реконструкција и рехабилитација на патна мрежа со вкупна должина од 550 киометри во вредност од 850 милиони евра. Се работи на изградба на еден автопат, четири експерсни патишта и над 40 регионални патни правци.