Според  годишниот извештајот на  “FDI intelligence“, дел од британскиот „ Financial Times“,Македонија се најде на  18- то место според бројот на странските директни инвестиции. Според Извештајот, во Македонија за  2018- та година  се реализирале само 10  гринфилд проекти во однос на странски инвестиции.

За разлика од Македонија, Србија се најде  на првото место во светот во однос на директните странски инвестиции. На второ место е Црна Гора, БИХ на петнаесетто место, Бугарија на седумнаесетто, додека на последното место од 50 земји се  најде Шпанија.

За разлика од Македонија, Србија  лани има привлечено  107 проекти за странски директни инвестиции во 2018 година, што е за 26 повеќе од 2017 година.  Македонија според Извештајот има 10 пати помалку реализирани проекти,  ако се споредува со Србија.

Инаку, податоците од Извештајот на ФТ за тоа дека во 2018 -та година се реализирани само 10 проекти, не се совпаѓаат со  изјавите на  првите луѓе од Владата задолжени за економија, кои неколку пати изјавуваа дека во Македонија лани инвестирале 18 компании, односно дека тие веќе  имаат потпишано договори во нашата држава и градат фабрики.

На почетокот на минатата година пак Владата  најави уште поамбициозен план, односно влез на 30 компании за 2018- та година. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев , на прес конференција во Владата во февруари 2018 та година, изјави дека во наредните месеци ќе влезат 30 нови компании и дека само во последните два месеци влегле 8 компании со над 1500 вработени и инвестиции од 73 милиони евра , без да потрошат ниту денар.