Во Македонија постојат 22 подрачја на кои претходно имало антракс. Според информациите кои ги објавија медиумите оваа година не е извршено вакцинирањето во ниту едно од дистриктните подрачја во Република Македонија. Согласно процедурите властите се должни во рок од 20 години да вршат вакцинирање на подрачје каде еднаш се појавил антракс. Невакцинирањето е сериозна опасност болеста повторно да земе замав во нашата држава, истакна денеска Цветан Трипуновски – член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Господине Атанасов соберете храброст и одговорете, дали оваа година АХВ изврши вакцинација во 22 – те подрачја кои се под опасност од повторно појавување на антракс? Доколку не, зошто не, и кој ќе сноси одговорност за таквото неодговорно однесување на вас како институција?Недозволиво и неодговорно е што две недели криевте од граѓаните дека во нашата држава има антракс. Дали ова го правевте затоа што воопшто немате извршено годишна вакцинација против оваа сериозна заразна болест?Господине Атанасов соберете сили и направете храбар чекор. Поднесете си оставка. Не може човек кој молчел две недели дека кај стоката кружи смртоносно заболување, кое може да биде пренесено и на луѓето да ја води АХВ, изјави Трипуновски.