Со 62 гласа за и без присуство на опозицијата Собранието синоќа го усвои Буџетот за 2021 година со кој е предвидено да се потрошат 247,5 милијарди денари, односно нешто над 4 милијарди евра.

Пред самиот чин на гласање, на пратениците од владејачкото мнозинство во последен момент им се придружија три пратеници кои претходно беа отсутни за да се постигне потребниот кворум за гласање, откако опозицијата ја напушти салата.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и истите се за 8,3% повисоки во однос на вториот Ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Со тоа буџетскиот дефицит е проектиран на 4,9%, или скоро двојно пониско во однос на оваа година.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека ова е првиот среднорочен буџет кој се носи во земјата и дека ќе биде насочен кон заздравување од кризата предизвикана од Ковид-19 и поставување на основи за забрзан економски раст во следниот период.

Буџетот има три главни приоритети – здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции. Буџетот е прецизен, егзактен, содржи развојна компонента. Капиталните инвестиции се 26,2% повисоки од актуелниот буџет, 3,4% од БДП или просек кој во подобрите години го имаше нашата земја. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година или 40 милиони евра во однос на тековната година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно. За наредната година со сите предизвици предвидени се средства и за сузбивање на Ковид-кризата доколку има потреба“, рече Бесими.

Бесими додаде дека стратегијата за заздравување и забрзан раст се темели на четири столба: економско заздравување од Ковид-19, забрзан, одржлив и инклузивен раст, зголемување на конкурентноста и вмрежување во глобалните синџири на добавување и инвестирање во човечки капитал.