Нови даноци нема да има и стапките кои во моментов се на сила остануваат. Што се однесува до  данокот на имот и промените што се предложени и се влезени во собраниска процедура, се работи за намера, односно цел да биде активиран недвижниот имот во кој не е активиран во моментот.

Ова го истакна заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на третиот ден од расправата во Собранието по дополнетиот предлог -буџет за 2021 година, одговорајќи на пратеник од опозицијата.

Потенцира дека остануваат истите стапки на данокот на недвижен имот како што се, додека оние кои имаат неискористен имот повеќе од шест месеци, тогаш тој ќе биде оданочен со стапка на данок на имот три пати поголема.

Појасни дека тоа не се однесува само на станови и куќи, кои не се издаваат, бидејќи тие нема да се даночат, туку и на индустриски објекти кои стојат неискористени и не придонесуваат во економскиот живот.

-Кога патувате гледате дека има таков имот со кој се имаат стекнато во текот на приватизацијата и каде што се гледа дека е неискористен. Оној кој не планира да го искористи и работи ќе плати трипати повеќе данок на имот, рече Ковачевски и додаде дека нема да се даночи имотот што се користи како живеалишта на граѓаните, при што тој се оданочува со половина од пропишаната стапка, нема да се даночи имотот на оние кои работат во странство, но доколку имаат три или четири стана и сите имоти не се издаваат ќе бидат оданочени со поголеми стапки.