Земјоделците следната година ќе добијат 107 милиони евра за земјоделски субвенции. Иако во програмата на Владата стои дека субвенциите во земјоделството ќе изнесуваат 160 милиони евра, сепак во Буџетот за следната година се предвидени помалку пари.

Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски,  ветувањата биле за висината на вкупната помош за земјоделците, а не само за субвенциите, износ кој, тврди, бил надминат и годинава. Препораките – дополнителните мерки да влезат во буџетот на основни субвенции засега не можеле да се испочитуваат.

160 милиони евра е вкупната поддршка која што е ветена пред граѓаните во делот на секторот земјоделство. Ако ги собереме сите овие работи за кои што зборуваме ние надминуваме ние го надминуваме тој износ уште од првата година. Само 140 милиони евра се во делот на субвенциите, во делот на ИПАРД, националното кофинансирање и во делот на рурален развој“, рече министерот Николовски.

Николовски без конкретен одговор ниту кога точно ќе се воведе мерката зелена нафта и покрај тоа што земјоделците ја бараат што поскоро пред пролетната сеидба. Вели и покрај тоа што предвиделе да им враќаат половина од сумата за гориво на земјоделците, мерката била на самиот старт, па догодина на сметките на земјоделците ќе легнат само 30% од вкупната сума. Подготовките биле при крај, а по две години одложувања, Николовски е сигурен дека конечно од 2019-та мерката ќе почне да се применува.

Според Предлог-буџетот за 2019 година, вкупната планирана финансиска поддршка за земјоделството изнесува околу 140 милиони евра. Од нив 107 милиони се наменети за субвенции. Инаку, од ресорното министерство најавија дека за 10 дена ќе излезат и со информација за менување на моделот на субвенционирање на земјоделците.

с