Предлог-мерките на ВМРО-ДПМНЕ во голема мера се совпаѓаат со тие на бизнис заедницата која се труди да го преброди овој тежок период, да ги задржи работните места и да ги одржи во живот претпријатијата во наметнатиот период на хибернација. Така, од ден на ден станува неспорно дека: а) помошта за погодените компании треба да се однесува и за март; б) субвенцијата за плати во висина на минималната плата е недоволна, а кога на тоа ќе се пресметаат придонесите и персоналниот данок кои се на товар на работодавачот, за голем број субјекти се чини дека е поприфатлива опцијата отпуштање на вработените со можно затворање на бизнисите – вели Трајко Славески, редовен професор на Економскиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и поранешен министер за финансии.

Професорот, кој е член Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека загубата во БДП би била по 1 отсто просечно месечно, со продолжена забавена активност во наредните неколку месеци, што сè заедно би значело дека 2020 година на економски план би ја завршиле со 3-4 отсто пад на БДП, при оптимистичко сценарио, и некаде меѓу 5 и 7 отсто пад на БДП при попесимистичко сценарио. Стапката на невработеност, откако се симна под 20%, сега продолжува да се качува и може повторно да го надмине нивото од 20%.

Како ги оценувате двата сета мерки на Владата?

Славески: На почетокот од март во една ТВ дебата со министерот за финансии Нина Ангеловска јасно кажав дека за кратко време може да ни се случи драстичен пад на економската активност и колапс на приходите во буџетот. Пораката беше дека, откако веќе беа регистрирани првите неколку случаи на заразени со новиот корона вирус, владата треба да има јасен план за справување со претстојната рецесија на економски план, паралелно со јакнењето на здравствениот систем за прифаќање и третман на заболените. За жал, разбравме дека за таков план сеуште не се размислувало, а увереноста дека земјата е целосно подготвена да се справи со какви било последици од кризата се темелела на „одличната кондиција“ во која се наоѓал буџетот во првите два месеци од годината. Наскоро дознавме дека во тој период, подготвувајќи се за предвремените парламентарни избори, владата на СДСМ веќе реализирала 25% од планираниот буџетски дефицит за цела година. Економистите ќе кажат дека со ова значително се намалил фискалниот простор за преземање на антикризни мерки за поддршка на доходите на вработените и на претпријатијата кога набрзо стана јасно дека економијата е силно погодена како резултат на пандемијата од болеста Covid 19.

Под притисок на јавноста и соочена со сериозните последици откако се затворија првите бизниси во земјата и луѓето започна да остануваат без работа, владата, следејќи го својот реактивен (пасивен) пристап да се раководи од тоа како постапувале другите земји, конечно излезе со т.н. прв сет мерки, од кој главна мерка требаше да бидат поволни кредити за ликвидност на малите и средни претпријатија, во износ од неколку милиони евра. Потоа уследи т.н. втор сет мерки, дизајниран на околу 200 милиони евра, кој понуди субвенција за исплата на плати во висина на износот на минимална плата од декември минатата година за погодените од кризата компании и сектори. Со оглед на тоа што во јавноста се познати мерките и реакциите на повеќето комори, експертите, опозицијата и други заинтересирани страни, јас ќе го изнесам мојот генерален став по прашањето за адекватноста и ефикасноста на овие владини мерки.

Владата, поради стеснетиот фискален простор за адекватен одговор на последиците од економската рецесија, тргна со многу рестриктивен пристап. Прво, предвидените износи за поддршка беа релативно мали во споредба со помошта што ја понудија соседните земји. Второ, се поставија прилично рестриктивни услови за претпријатијата да можат да се квалификуваат за помошта. Подоцна под притисок на јавноста уредбите со законска сила со кои се инаугурираа овие мерки се менуваа со цел олабавување на условите, што говори за слаб капацитет во владиниот тим за носење поефикасни и брзо спроведливи мерки. Трето, иако беше јавно укажувано, од поддршката беа испуштени значајни делови од економијата, каков што беше случајот со армијата самовработени лица. И ова подоцна мораше да се коригира со менување на веќе донесените уредби. Четврто, токму поради стравот од неликвидност во буџетот и неизвесноста за обезбедување финансиски средства од надвор, со мерките за поддршка на платите на вработените, а со цел зачувување на работните места, владата се оглуши на барањата на компаниите и предлозите од опозицијата поддршката да се однесува и на загубите во март, кога цели сектори престанаа со работа со декрет на владата заради потребата од спречување на ширењето на заразата со вирусот. И петто, поддршката за исплата на плати во износ на минималната плата, со обврска на работодавачите да ги покријат социјалните придонеси и персоналниот данок од доход создаде револт и забуна кај погодените компании. Ова сигурно ќе одврати голем број од нив од аплицирање за користење на помошта и отпуштање на вработени. Накусо, мерките на владата во оваа сфера се задоцнети, недоречени и конфузни.

Дали според Вас треба да се дадат мерки за големите/стратешки компании?

Славески: Овие компании, вклучително и странските инвестиции во ТИРЗ-овите, заслужуваат поддршка во степен во кој се погодени од последиците од глобалната рецесија. Тие треба да ги задржат своите грижливо одбрани и обучувани работници, особено нивните клучни тимови кои поради природата на работата претходно имале значително повисоки плати од просечните. За нив не одговара пристапот „една иста мерка доволна за сите“. Да не заборавиме дека овие компании, особено тие вклучени во синџирите на снабдување од областа на автомобилската индустрија беа први на удар на кризата и се чини дека најдолго ќе ги трпат негативните последици. Треба да покажеме посебна грижа кон нив гледајќи на долг рок да се одржат овие компании за да останат да продолжат со работа во земјава. Ова најдобро го има кажано г-динот Виктор Мизо од „Костал“ кој предупредува дека „мајките фирми на постоечките инвеститори кај нас … ќе споредат која држава во каков обем помогнала и ќе го користат тоа како еден од критериумите во одлучувањето за консолидација и реалокација на постоечкото производство во Европа“.

Кои се вашите проценки за влијанието на кризата врз невработеноста и БДП во Македонија – како за втор квартал, така и за 2020 година?

Славески: Тешко е прецизно да се измерат економските штети, особено не на самиот почеток од настапувањето на рецесијата. Треба да ги раздвоиме директните и индиректните ефекти, од една страна, и краткорочните и долгорочните ефекти, од друга. Едно е јасно, економските последици ќе се чувствуваат значително подолго и во периодот по спласнувањето на пандемијата со болеста COVID 19. Понатаму, сѐ зависи колку ќе трае потребата од „социјално раздалечување“ за забавување и спечување на ширењето на заразата со новиот корона вирус. Моја лична проценка е дека кон средината на јуни ќе се нормализира животот на европскиот континент, на Балканот и кај нас, со што ќе се создадат услови за обновување на економската активност таму каде што претходно замрела. Сѐ разбира, со преземање на сите неопходни заштитни мерки кои ќе ги препорачаат здравствените власти. Ќе дојде до постепено обновување на синџирите за снабдување на нашите капацитети во автомобилската, електронската, металопреработувачката, прехранбената и други индустрии. Полека ќе заживее угостителството, но не и туристичката дејност. Тие можат да сметаат на целосно пропуштена сезона. Под овие претпоставки, ценам дека загубата во БДП би била по 1 отсто просечно месечно, со продолжена забавена активност во наредните неколку месеци, што сè заедно би значело дека 2020 година на економски план би ја завршиле со 3-4 отсто пад на БДП, при оптимистичко сценарио, и некаде меѓу 5 и 7 отсто пад на БДП при попесимистичко сценарио. Стапката на невработеност, откако се симна под 20%, сега продолжува да се качува и може повторно да го надмине нивото од 20%.

ВМРО ДПМНЕ како партија каде сте вие член на ИК, предложи сет на економски мерки. Зошто Владата немаше слух за овие мерки и зошто сметате дека вашите мерки се подобри од оние на Владата?

Славески: Во вакви кризни ситуации во повеќето земји во светот се очекува да се намалат анимозитетот и поделбите меѓу луѓето, затоа што неволјата со вирусот не познава никакви граници и поделби. Загрозени се здравјето, животите и благосостојбата на сите нас и оптимално е она однесување што ја јакне довербата меѓу луѓето и во институциите, што сè заедно гарантира поадекватен одговор во справувањето со последиците од здравствената и економската криза. За жал, ова правило како да не важи кај нас. Можеби кон ова придонесува и фактот што на политичките партии над глава „им висат“ избори веднаш по стабилизирањето на состојбите со пандемијата. Оттаму, колку и да се труди, владејачкиот СДСМ атавистички и рефлексно одбива сè што доаѓа со потпис од соперничката ВМРО-ДПМНЕ.

Гледаме дека предлог-мерките на ВМРО-ДПМНЕ во голема мера се совпаѓаат со тие на бизнис заедницата која се труди да го преброди овој тежок период, да ги задржи работните места и да ги одржи во живот претпријатијата во наметнатиот период на хибернација. Така, од ден на ден станува неспорно дека: а) помошта за погодените компании треба да се однесува и за март; б) субвенцијата за плати во висина на минималната плата е недоволна, а кога на тоа ќе се пресметаат придонесите и персоналниот данок кои се на товар на работодавачот, за голем број субјекти се чини дека е поприфатлива опцијата отпуштање на вработените со можно затворање на бизнисите. ВМРО-ДПМНЕ предлага надомест на трошоците за плата во износ од 50% од трошокот за бруто плата, со одложено плаќање на придонесите и на персоналниот данок од доход; в) потребен е посуптилен пристап во користењето на расположливи финансиски средства на домашниот пазар, при поадекватен микс меѓу инструментите на трезорот (државни хартии од вредност) и благајничките записи кои ги издава НБРМ; и г) можноста за времено насочување на делот од придонесот за пензиско и инвалидско осигурување од приватните пензиски друштва кон државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија за обезбедување непречена исплата на пензиите. Ова е практика која по глобалната финансиска и економска криза од 2007-2009 ја применија повеќето земји со слични пензиски системи како нашиот, а некои од нив, како што е, на пр., Естонија, се на прагот од повторно воведување на оваа мерка како одговор и на тековнава криза. Ова е особено значајно со оглед на влошените услови за обезбедување финансирање од надвор.

Велите влошени услови за финансирање. На што конкретно мислите?

Славевски: За познавачите е јасно дека Македонија располага со скромни ресурси за финансирање на потребите на буџетот од домашни извори и во нормални околности, а камо ли во услови на сериозна економска криза. Оттаму, обезбедувањето финансиски средства од надвор претставува императив за полесно пребродување на кризата и стабилизирање на состојбата кај нас. Добро е што овој пат, за разлика од периодот 2007-2009 година, меѓународните финансиски институции, пред сè ММФ и Светска банка, брзо реагираа и поддршката што од таму треба да пристигне е охрабрувачка и навремена. Состојбата на комерцијалните финансиски пазари брзо се влошува без изгледи за подобрување. Ова придонесува за неизвесноста околу обезбедување финансии преку издавање еврообврзница во блиска иднина. Дури некои реномирани финансиски куќи очекуваат натамошно влошување на состојбите на финансиските пазари, а не се исклучува и можноста за нивно замрзнување, каков што беше периодот од септември 2008. до јуни 2009 година. Со таа разлика што сега редоследот е обратен – прво настапи економска рецесија, која се очекува да ја влоши состојбата во финансискиот сектор. Пред 12 години острата економска рецесија уследи по глобалната финансиска криза.

Во овој момент е потребно единство од сите политички чинители за доброто на домашната економија. Вие како професор сте и дел од Економскиот совет, ад- хок тело фомирано од Владата, од кое треба да произлегуваат насоки и препораки за справување со последиците по економијата и стопанството. Дали на состанокот на ова тело ги предложивте мерките од ВМРО ДПМНЕ и каков беше ставот по однос на истите, од страна на останатите членови на телото?

Славески: Економскиот совет при кабинетот на техничкиот премиер Оливер Спасовски е ad hoc тело и не гледам дека поставеноста, надлежностите и амбициите на иницијаторот на неговото формирање одат подалеку од тоа техничкиот премиер и економските министри да го слушнат мислењето и евентуалните предлози за мерки кои доаѓаат од наши врвни економисти, менаџери и претставници на стопанските комори. Целокупната одговорност за дизајнот, квалитетот и навременоста на мерките за поддршка на економијата и граѓаните за полесно справување со кризата паѓа на товар на Владата.

Како економист и поранешен министер за финансии со искуство во справувањето со последиците од финансиската криза и Големата рецесија од 2008-2009 година, на првиот состанок мислам дека придонесов да се кристализираат ставовите околу карактерот и тежината на економската криза, предизвикана од налетот на пандемијата со новиот корона вирус и да се постават основните принципи при дизајнирање на мерките за поддршка на економијата и на граѓаните. Во рамките на ИК на ВМРО-ДПМНЕ редовно разменуваме мислења и промислуваме можни решенија околу најдобрите мерки кои ќе им помогнат на граѓаните и на компаниите полесно да се справат со здравствената и со економската криза. Покрај нивното редовно комуницирање во јавноста, овие предлози беа презентирани и на средбите во Економскиот совет. Но како што спомнав, станува збор за советодавно тело. Одлуките ги носи владата како колективен орган и таа ја сноси целокупната одговорност.

Колку долго ќе трае оваа рецесија? Што можеме ние да направиме како држава за брзо рестартирање на економијата и потрошувачката? Дали ова ќе биде V, U, W ili L закрепнување на економијата?

Славески: Одговорот на вашето прашање зависи од тоа кое сценарио за текот на настаните на краток и на среден рок ќе го прифатиме. Неодговорно е секое цврсто прогнозирање на еден сет претпоставки, без разлика дали е пристапот песимистички или оптимистички. Јас претходно се осмелив да ги прогнозирам состојбите за до крајот на тековнава 2020 година. За нас како мала и отворена економија, без можност за влијание врз светските економски и финансиски текови, изгледите за брзо заживување на економијата се врзани со развојот на настаните во светската, а пред сè, во европските економии кои се нашите најважни трговски партнери. За можноста за брзо рестартирање на економиите во блиска иднина е битно спласнувањето на опасноста што ја носи со себе вирусот SARS CoV-2, која за сите нас многу реална. Со оглед на тоа што ова нема да се случи многу брзо, земјите во светот полека и многу претпазливо ќе започнат со обнова на економската активност во секторите во кои е таа целосно или делумно замрена.

Во целата несреќа за економското заздравување во светот и кај нас се битни два охрабрувачки фактори: прво, нема разурнувачки последици по инфраструктурата и производствените капацитети од оваа своевидна природна непогода, и второ, и покрај значителната загуба на човечки животи, работоспособното население е значително помалку погодено со здравствената криза. Пазарот и државата, која е сега во прв план, ќе изнајдат начин, како и многупати во историјата, за продолжување на економскиот просперитет во иднина. А во поглед на прогнозите за обликот на актуелнава рецесија, привилегијата да си играат „Бушава азбука“ во сигурноста на своите домови им ја препуштам на нашите најмлади.