Намалување на капиталните инвестиции за 50 милиони евра и мерка за субвенционирање на придонесите за зголемување на платите, предизвика најголемо внимание  од усвоениот Ребаланс на буџетот за 2019 година. Па така,   од претходно планираните 420 милиони евра сега капиталните инвестиции се проектирани на 370 милиони евра. Најголемото кратење има кај железницата, а настрадаа и проекти во Министерството за образование.

Ќе се субвенционираат и придонесите со цел зголемување на платите, односно  за сите плати, од минималните до највисоките, за сите вработени, за сите фирми независно од големината и дејноста, ќе важи оваа мерка  што треба да стартува од 1-ви следниот месец. Според премиерот Зоран Заев, со оваа мерка се сузбива сивата економија и давањето плати во кеш.

Токму овие мерки предизвикаа најголеми реакции кај економските експерти.

Претседателот на Центарот на економски анализи Марјан Николов  за најновата мерка за субвенционирање на придонесите напиша дека треба  се казнат тие што до сега давале пари на рака, а не да се наградуваат со не плаќање на придонеси и даноци за тој износ.

Ве молам, не пумпајте го буџетот за да потоа вие ни делите пари. Нам не ни требаат Дедо Мразовци. Поефикасно е да секоја фирма и семејство сами си одлучат за потрошувачка или штедење на сопствениот расположив доход. Вам ви е оставена наједноставната работа. Направете амбиент.
Со поткуп на младите преку разни субвенции и трансфери нема да ги задржите туку со градење на амбиент за исполнување на сопствени идеи без ваша интервенција во трансцедентен занес дека треба да бидеме понизно благодарни за она што од наши пари ќе ни го трансферирате.
И ако некој давал пари на рака најдете го и казнете го, а не да го наградите да не плаќа придонеси и даноци за тој износ. Градете образовани со вештини и капацитет инспектори. Вака правите повеќекратна штета.
Буџетот е оштетен, дискриминирате на пазарот и во неповолна положба се ставени дисциплинираните економски агенти, инспекторите и администрацијата и понатаму се нереформирани и под политички притисок, генерирате морален хазард и генерирате долгорочни тросшоци, напиша Николов.

Бранимир Јовановиќ , кој  беше советник во кабинетот на претходниот министер за финансии Драган Тевдовски  смета дека мерката за субвенционирање на зголемување на платите би имала смисла, но само ако таа се однесува на вработени со пониски примања и доколку гарантира дека по нејзиниот истек платите нема да се намалат:

1. Се однесува на плати пониски од одредено ниво, на пример, плати пониски од средната плата (зошто државата да субвенционира ако некој менаџер со плата од неколку илјади евра си ја зголеми платата?);
2. Се однесува на фирми што немаат висока профитабилност (зошто државата да субвенционира плати на некоја банка која остварува профити од десетици милиони евра?);
3. Фирмите се обврзани да не ги намалуваат платите и по завршувањето на субвенцијата (без тоа, платите ќе паднат веднаш по истекот на субвенцијата, и ништо не се постигнало);
4. Е последица на значајно зголемување на минималната плата (без тоа, се сведува на ослободување на фирмите од даноци, како што правеше Груевски).
И, не, мерката нема да чини 40 милиони евра. Мерката ќе чини 120 милиони евра, зашто ќе трае 3 години. Стварно сме многу богати штом можеме да си дозволиме да дадеме 120 милиони евра на вакво нешто… напиша Јовановиќ на социјалните мрежи.

Капиталните инвестиции се кратат во услови кога нивната реализација е очајна. Претходно,  податоците  не ги обесхрабруваа владините претставници, односно  изјавуваа дека нивната реализација оди според посакуваната динамика. Но, сега со  ребалансот на буџетот,  капиталните расходи се скратија со  образложение   дека  слабо се реализираат, – како што  изјави  новата министерка за финансии.

Во вакви услови  бизнисмените  не се изненадени што владата се реши да ја прекрои државната каса, но инсистираат капиталните инвестиции да бидат приоритет:

Ребалансот на буџетот е очекуван, особено имајќи предвид дека реализацијата на планираните капиталните инвестиции за првите седум месеци од тековната година е под 25 проценти. Капиталните инвестиции се значаен сегмент за развојот на економијата, особено оние предвидени за градба во делот на инфраструктурата, бидејќи го олеснуваат протокот на стоки и поврзаноста во и вон границите на Македонија и истите потребно е да бидат приоритет во сите идни планирања. Предвидените средства кои се наменети за активни мерки за вработување и поддршка на земјоделството исто ќе придонесат за подобрување на условите за работа и инвестирање. Забележителни се и средства издвоени за потребите на здравството, за набавка на лекови за ретки болести, како и останати расходи кои е можно да имаат подолгорочни ефекти за граѓаните, но и за стопанството“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Универзитетскиот професор Изет Зеќири вели дека како резултат на неисполнување Владата ги намалува, капиталните инвестиции, но ако продолжи со ваквото темпо, таа ќе реализира капитални инвестиции како лани и тоа ќе биде неуспех за владиниот економски тим.

Владата вчера го усвои Ребалансот на Буџетот со него, како што изјавија од Владата,  се издвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ.