Вториот квартал донесе послаб раст на економијата. БДП пораснал за 3,1 отсто, откако во првите три месеци тој беше повисок и изнесуваше 4,1 процент.

Економијата најмногу се потпирала на трговијата на големо и мало, транспорт, складирање, сектор што бележи најголем раст од 7.5%. Зголемување има и во земјоделството за скоро 4%, градежништвото за 2.8%, додека минимален раст има кај рударството, финансиите и осигурувањето. Пад има во преработувачката индустрија од 2.1% и во секторот информации и комуникации за скоро 5%. И овојпат економијата најмногу се потпрела на бруто инвестициите и домашната потрошувачка. Домаќинствата потрошиле за 3.1% повеќе, а државата за 1.2% повеќе. Бруто инвестициите имале раст од 11.1%, извозот имал раст од 10.6%, но приближно за толку се зголемил и увозот на стоки од странство.

За вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, растот на економијата во првите два кварталa просечно е над предвидувањата. Очекувањата за третиот и четвртиот се дека бројките ќе бидат подобри и поохрабрувачки, а крајот на годината да се заврши и со повеќе од просечното во првите два од 3,6 отсто. За него е важно дека бројките се произлезени од реалната економија и дека растот го прави економијата без голема поддршка од државата.