Вработените во обложувалниците за момент може да здивнат откако  предлог законот на комисијата за финансирање и буџет беше тргнат од дневен ред. На денешната седница има неколку точки но не и таа за игрите на среќа.

На утршната седница пратениците ќе расправаат единствено за Предлог законот за отис на камати и репрогамирање на долгови  и трошоци на јавни претпријатија.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) предупредува дека со предлог измените на Закон за игрите на среќа и забавните игри кои се на дневен ред на 131-та собраниска седница, 7.700 луѓе преку ноќ остануваат без работа.

Од таму апелираат до пратениците уште еднаш да го преиспитаат ставот за усвојување на измените на Законот за игрите на среќа.

Дали се подготвени да избришат една цела стопанска гранка која дава значаен придонес во државниот буџет и директно вработува 7.700 луѓе кои индиректно подржуваат 54.000 работни места во други стопански гранки? Дали се подготвени да ризикуваат да избришат една целосно регулирана индустрија и да создадат услови за нелегално обложување и сива економија – прашува Васко Илијевски, претседател на АСОМ.

Како што се наведува во соопштението од АСОМ, измените на Законот се носат без соодветни претходни анализи на состојбата, социјални и финансиски импликации кои тие би ги предизвикале. За своето работење, се посочува, спортските обложувалници плаќааат лиценци кон државата кои им гарантираат услови за работа во периодот за којшто е издадена таа лиценца. На основ на издадената лиценца, појаснуваат од АСОМ, приредувачите на игри на среќа во обложувалница ги прават своите проекции за инвестирање, нови вработувања и развој.

Условите кои ги наметнува новиот закон значат прекин на правата кои ги регулира лиценцата. Како државата ќе ги обештети и надомести средствата дадени за лиценца и инвестиции по секое уплатно место? Освен за обложувалниците, ова ќе значи и огромна загуба за државата која притоа ќе ги загуби и 253 милиони евра, кои по основ на давачки и даноци секоја година се слеваат во државната каса, се подвлекува во соопштението.

Со Министерството за финансии, АСОМ во изминатиот период има остварено средби и доставено соодветни барања и мислења за начинот на регулирање на индустријата, со кои нема да се предзвика штета ниту на субјектите коишто се лиценцирани ниту на буџетот, а притоа ќе се зајакнат стандардите и начинот на работа на друштвата кои се лиценцирани. Во АСОМ сметаат дека во овој момент, Министерството за финансии треба да излезе со свој став и мислење по предлог законот.

Инаку, АСОМ е организација која се залага за поволна бизнис клима за индустријата, безбедно опкружување за своите вработени и играчи, одговорен пристап кон игрите на среќа во обложувалница, како и социјална и економска вредност во заедницата. Во АСОМ членуваат петте најголеми псортски обложувалници: Моцарт, Спор Лајф, Златна Копачка, Евротип и Марбет.