Лентата на автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип  ќе се сече  после  претседателските избори, односно после месец мај. Ова информација ја даде премиерот Зоран Заев, на гостувањето во емисијата Само вистина на Канал 5 ТВ, откако изминатиов период имаше  шпекулации за тоа дека автопатот веќе е готов и  ќе биде пуштен, викендов што помина, но сепак тоа не се случи.

Заев изјави дека автопатот ќе биде пуштен по изборите, поради тоа што јавни објекти, според Изботниот законик   може да се пуштаат до 11 овој месец, но и поради дополнителни активности на подизведувачите. 

Официјалното пуштање дефинитивно ќе биде по изборите , после мај, имавме желба , но јавни објекти можевме да пуштаме заклучно со 11- ти , сакавме да пуштиме, но видовме дека  заборавени се дваесеттина  бесправни градби кои се легализираат или дел се легални градби  за да им се обезбеди и решение да поминат од другата страна на автопатот, мора тој надвозник да се направи, подизведувачите веќе го работат“ изјави  премиерот Заев.

 Од Министерството за транспорт и врски велат дека  сите градежни активности на автопатот Миладиновци – Штип на сите три секции се целосно завршени.

Важно е автопатот да биде пуштен во употреба и граѓаните истиот да го користат, но најважна е безбедноста на граѓаните. Овие денови се вршат последните безбедносни проверки и проценки на сите елементи од автопатот. Кога сите потребни безбедносни активности ќе бидат завршени, автопатот ќе биде пуштен во употреба. Тоа ќе се случи наскоро во периодот кој доаѓа, велат од Министерството за транспорт и врски за Пресингтв.

Во меѓувреме и од Авто мото сојузот на Македонија   пратија соопштение дека, автопатот Миладиновци – Штип, секција Миладиновци – Кадрифаково и Кадрифаково – Миладиновци не е пуштен за сообраќај.

На автопатот се вршат проверки од безбедносен карактер, соопшти  АМСМ и упати апел до сите возачи да не го користат автопатот.

Автопатот Миладиновци –  Свети Николе- Штип почна со градба во 2014 година.  Тој е со вкупна должина од 47 километри и широчина од 27 метри, Инвестицијата за овој автопат изнесува  206 милиони евра, пари кои беа  обезбедени од кредит од кинеската Ексим банка и од буџетот на ЈП за државни патишта. Со употребата на овој автопат, возачите од Скопје до Штип, ќе имаат за   30-тина минути пократок пат.  По автопатот ќе се вози со максимални 130 километри на час.