Поевтин роаминг меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, а во делот на податочниот сообраќај уште во летната сезона, најавија денеска ресорните министрите на двете држави Дамјан Манчевски и Никос Папас по потпишувањето Меморандум за разбирање.

Се согласивме дека максималните цени на роаминг услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се менуваат во ЕУ. Со Меморандумот се предивидува динамично намалување на големопродажните и малопродажните цени во роаминг услугите со цел да дојдат на ниво како што важат и во ЕУ пред да се воведе принципот роаминг како дома, рече Манчевски на прес-конференција во Владата.

Меморандумот е прва билатерална активност по потпишувањето на Договорот од Преспа, а во иднина како што најавија Манчевски и Папас, ќе следат билатерални договори во уште многу области со конкретни придобивки за граѓаните.

Регулаторите на двете држави во наредните два месеца до владите треба да достават соодветни планови за спроведување на Меморандуот за соработка.

Ќе се обидеме до крајот на мај и почетокот на јуни да ги имаме првите резултати. Целта е ова лето граѓаните да почувствуваат конкретни резултати особено во делот на интернетот. Динамиката што ја утврдивме за целосното укинување на цените во роамингот иако во меморандумот оставивме малку повеќе простор, ќе сакаме сепак да се изедначи со динамиката што ја имаме со останатите земји од Западен Балкан, што значи до 2021 година, рече Манчевски.

Неговиот колега Папас истакна дека се подготвени да ги преземат сите правни мерки и алатки со цел граѓаните од двете држави многу бргу уште во претстојната туристичка сезона да имаат намалување во телекомуникациските сметки.