Грубите пресметки на Независната угостителска комора се дека новите рестриктивни мерки на Комисијата за заразни болести за новогодишните и божикните празници ќе предизвикаат загуби во индустријата од 18 до 22 милиони евра. Почитувајќи ги одлуките и препораките што се носат во име на јавното здравје комората бара од Владата веднаш да донесе нов сет директни мерки за угостителите, со кои ќе помогнат да се надоместат загубите и штетите во случај на усвојување на предлог-рестриктивните мерки.

НУБ реагира дека присуството на комората на вчерашниот состанок на КЗБ бил само шминка за јавноста.

Ниедно од нашите барања не само што не беше разгледано, дискутирано, дебатирано или овозможено понатамошна дискусија, сите барања претпоставувам дека беа отфрлени ад хок затоа што решението за денешното затворање, односно ограничување на угостителските објекти беше донесено пред време. Денеска беше едноставно само фарса пред јавноста и пред Комората, на некој начин да се укаже дека одлуките, што наумиле и ќе ги носат без разлика на реалноста и ефектите што тие ќе ги предизвикаат, рече вчера претседателот на НУБ Здравко Јосифовски.

Угостителите нагласуваат дека максимално ќе ги почитуваат одлуките и препораките, но нагласуваат дека обврска на НУБ е да ги штити интересите и здравјето на сите угостители и угостителски работници кои се погодени од одлуките и мерките што се преземаат за справување со пандемијата.

Според нашите груби првични економски процени новата рестриктивна мерка на угостителите ќе донесе директни загуби односно штета во висина од 18-22 милиони евра во угостителската индустрија кои доколку Владата не интервенира на време ќе мора угостителите самостојно да бараат начини да ја покријат и покрај тоа што нема да бидат во можност да работат. Новата одлука ќе примора дел од угостителите да направат повторно рационализација на трошоците поготово во делот на вработените, со исклучок на оние што успеале да користат субвенции за плати кои се приморани да ги задржат своите вработени и во наредните 2 месеци и покрај тоа што нема да можат да работат односно нема да имаат услови да обезбедат работа и остварување на приходи.