Тутунопроизводителите наскоро добиваат олеснителни околности при откупот и производството на тутун. Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера го потпиша новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи.

Со донесување на Законот за тутун, тутунски производи и сродни производи ќе се подобри и поедностави постапката за пријавување на производството на тутун, ќе се укине издавањето на евидентниот лист, договорот на производството и откуп на тутун ќе се склучува со откупувачот на тутун кој директно го внесува во електонскиот систем за водење на евиденција на тутун-ИСЕТ; ќе се врши усогласување на роковите за пријавување и договарање на производството на тутун, јавната објава на договорот, обезбедувањето на семенскиот материјал, откупот на тутунот со агротехнолошките рокови прифатени од сите чинители кои учествуваат во процесот на производство, откуп и следење на тутунското производство во тековната реколта, велат од МЗШВ

Во  исто време од  Здружението „Басмак“ од село Василево велат дека во струмичко  е намален бројот на тутунопроизводители во споредба со лани според издадените евидентни листови. Имено, во 2018 година биле пријавени 2.750 прозводители на тутун, а оваа година се издадени околу 500 листови помалку. Според претседателот на здружението  Марјан Трајков, намалениот број на тутунари не се должи на откупните цени, туку на намалувањето на производители, кои престануваат да се занимаваат со одгледување тутун или заминуваат во странство.

 И покрај лошите временски услови околу 40 отсто од планираните површини се посеани со тутун. Дел од производителите имаа проблеми и со расадот поради дождовите, но полека се надминува и тој проблем. Очекувам сеидбата на тутунот да заврши до 10 јуни и некаде на крајот на јули и почетокот на август треба да почне бербата од годинашнава реколта, рече Марјан Трајков, претседател на Здружението „Басмак“ од село Василево

Инаку, лани во Струмичкиот регион беше зголемен бројот на тутунопрозводителите во споредба со изминатите години. Според евидентните листови биле пријавени 2.750 производители на тутун, односно за 150 повеќе од 2017 година.

МЗШВ преку новиот Закон за тутун, тутунски производи и сродни производи ги задолжува откупувачите да отворат откупни пунктови во населени места со договорено производство  над  100 тони тутун. Оттука откупот на тутун ќе се врши според мерила и методи за квалитативна и квантитативна процена на тутунот кои ги пропишува министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе се поедностави процедурата за полагање на испит за добивање на лиценца за процена на тутун. Со донесувањето на овој закон проценителите на тутун и претставниците на тутунопроизводителите и откупувачите ќе треба да посетуваат обука согласно постоечките и новите законски одредби, ќе се воспостави контрола на тутунот, обработениот тутун, производите од тутун, сродните производи и адитивите, ќе се воведува, уредува и регулира производството, прометот и контролата на електронските цигари и контењерите за повеќекратно полнење, несогорливиот тутун и сродните производи и растителните (билни) производи за пушење. Законот исто така предвидува и усогласува на изгледот и пакувањето на производите од тутун наменети за пушење (20 цигари) според Европските регулативи.

Инаку, годинава откупени се над 25,2 милиони киограми тутун од минатат реколта по просечна откупна цена од 214,24 денари за килограм.