Домашната економија годинава ќе падне за 4,9 отсто. Ова е најновата ревидирана проекција на Народна банка на Македонија, откако таа во април очекуваше домашната економска активност да има негативна стапка на економски раст од 3,5 отсто, бидејќи тогаш се очекуваше пократкорочен карактер на здравствената криза предизвикана од ковид 19.
Главна причина за ова, како што соопшти гувернерката Анита Бежоска Ангеловска, е што закрепнувањето кое се очекуваше во втората половина на годинава не се случи, поради вториот бран на пандемијата со корона вирусот.
-За разлика од априлските проекции, најновиот циклус на макроекономски проекции претпоставува подолготрајни и продолжени ефекти од пандемијата на ковид 19 и врз глобалната и врз домашната економија. Согласно со тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година. Макроекономското сценарио и ризиците околу него во најголема мерка се условени од развојот на здравствената криза во глобални рамки, односно од справувањето со пандемијата и нејзините последици врз однесувањето и очекувањата на економските субјекти. Засега, имајќи предвид дека ковид-шокот е од неекономска природа, не се очекува тој да има позначителни ефекти врз долгорочниот потенцијал за економски раст, објасни Бежоска.
Според неа, најновите проекции упатуваат на пад на економската активност од 4,9 отсто годинава, и постепено закрепнување со интензитет од 3,9 отсто и 3,6 проценти во следните две години.
Comments are closed for this post.