Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, исплати 77 милиони денари на 2.048 лозари по основ на долгот што винарските визби го имаат кон лозарите за предаденото грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година.

Во списокот на винарски визби кои за посочениот период имаат долг кон лозарите спаѓаат и винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“, и сите други винарски визби кои што во истиот период биле регистрирани како винарници во регистарот на МЗШВ.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека целата постапка во делот на измените на Законот за земјоделство и рурален развој и Програмата за директни плаќања 2019 година се направи на почетокот на годината, со што се исполни и правниот основ за државата да ги обештети лозарите, кои имаат побарувања за предаденото а неплатено грозје.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, изјави дека праксата за навремена и неселективна исплата на субвенциите тогаш кога им се потребни на земјоделците ќе продолжи и во следниот период.

Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев посочи дека со исплатата на долгот што дел од винарниците го имаат кон лозарите се исправа една неправда која им беше направена на лозарите во изминатите години.