Колкав ќе биде растот на економијата во тековната година во голема мера ќе зависи од случувањата во третиот и четвртиот квартал, како и од економските и неекономските фактори што секако влијаат врз движењата во стопанството, изјави денеска гувернерот на НБРМ Анета Ангеловска – Бежоска која имаше свое излагање пред учесниците на Научната конференција за идните предизвици на економскиот развој и економските политики на Македонија што ја организираше МАНУ во Охрид.

  Економскиот раст во првото полугодие од тековната година кој е позначајно понизок од очекувањата, легитимно го поставува прашањето дали ќе биде остварен растот од 3,2 процента што во април го проектираше Народната банка на РМ. Колкав ќе биде растот на економијата во тековната година во голема мера ќе зависи од случувањата во третиот и четвртиот квартал, како и економските и неекономските фактори што влијаат врз движењата во стопанството. Ние сме во процес на ревидирање на макроекономските проекции и со новите бројки за нашите очекувања околу растот за тековната година ќе излеземе некаде во ноември, истакна гувернерката.

За денешниот собир во Охрид посветен на модернизацијата на структурата на македонската економија и мерките што треба да го поддржат тој процес, Ангеловска – Бежоска оцени дека е добро да се слушнат различни мислења и критички дискусии со цел да се димензионираат политиките што ќе бидат од клучно значење за поттикнивање на економскиот раст.

 Јасно е дека е неопходен процес на забрзување на нивото и интензитетот на раст на нашата економија. Генерално, позитивно гледам на посочените структурни политики, кои се ранливите пунктови на кои треба да се обрне внимание во престојниот период, но и од аспект на макроекономските политики како улогата на монетарната политика, како и колку таа може да го подигне растот. Сведоци сме дека во посткризниот период Централната банка спроведува релаксирана монетарна политика, со значајно намалување на основната каматна стапка. Тоа се пренесе и врз каматните стапки на кредитите во банкарскиот систем. Кредитите се одржуваат на солидно ниво, а тоа обезбедува поддршка на економскиот раст, рече Ангеловска – Бежоска.

Според неа, со оглед на високото ниво на долг, полека се забележува  постепена фискална консолидација.