По вчерашната најава на производителите на леб и бели пецива дека ќе престанат со работа следниот ден по објавување на одлуката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, граѓаните во недоумица. Како основен прехрамбен производ, лебот е еден од најпродаваните продукити во маркетите, па многумина останаа збунети по најавата за прекин со работа, дали ќе има леб во маркетите, пишува Фактор.мк.
– На состонокот на кој беа присутни 32 индустриски пекари од цела земја, плус од мали градови, се согласивме дека мерката за замрзнување ќе направи да работиме со загуби. Едногласно, беше донесена одлука, дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цената на лебот во Службен весник, другиот ден пекарската индустрија ќе престане да произведува леб, посочи Горан Малишиќ, претседател на групација за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.
Согласно претходните најави, Владата денеска треба да донесе одлука за замрзнување на цената на лебот. На предлог на министерот за економија Крешник Бектеши, денеска во Владата ќе се разгледува предлогот за замрзнување на цената на лебот.
– Во вторник ќе се замрзне цената на лебот и нема да изнесува над 33 денари, и за белиот и за полубелиот. Ова е само прв чекор од производите кои ќе бидат замрзнати, ќе следат и нови одлуки. Не може да има разлика во цената од 28 до 38 денари за ист леб. Дополнително ќе се утврди и количината, бидејќи трговците ги намалуваат цените, но и количините, најави Бектеши, додавајќи дека се прават анализи и за тестенините.
На денешната владина седница треба да се најде и предлогот за укинување на субвенционираната цена на струјата за прехранбените компании.
Првиот човек на Агро-бизнис комората при Сојузот на Стопански комори на Македонија, Горан Ѓорѓиевски на средбата појасни дека треба да се видат реално параметрите кои ги дефинираат цените.
– Не може државата да префрла фирмите да ѝ ја вршат нејзината социјална функција. Тоа сега се случува. При определување на цената, околу 40-45 отсто е материјален трошок за брашно, квасец, сол и така натаму, 30 – 35 отсто е работна рака, десетина проценти е енергија и 15-ина проценти се други трошоци, како кредити, пакувања, лизинг и слично. Не е само житото битно при формирање на цената. Голем уддел има работната рака. Дали знаете дека во овој момент има голем одлив на население, дали знаете дека тој недостиг креира високи цени на работната рака? Само 10 отсто е субвенцијата за електричната енергија. За да се транспортира лебот, има комбе, кое троши нафта. Со секој што сака може да седнеме и реално да разговараме во проценти и прецизно да кажеме што влегува во цената, посочува Ѓорѓиевски и додава дека земјава треба да ги искористи искуствата на околните земји за формирање на цената на лебот.
И експертите укажуваат дека замрзнувањето на цените на производите не треба да се практикува, бидејќи ќе води кон намалување на понудата на производите на пазарот.
Comments are closed for this post.