Секаде во светот бензините поевтинуваат, само во Македонија под власта на СДСМ поскапуваат. Одлуката за поскапување на акцизата на горивата е чист грабеж нa граѓаните. Ова е начин како Владата на Заев ќе зема од парите на граѓаните за да ја покрива финансиската дупка која ја направи владата. Значи владата на Заев ќе се задолжува земајќи пари од граѓаните. На светските берзи цената на нафтата падна скоро за 3 пати од почетокот на годината до денес. Имено на почетокот на годината нафтата се тргуваше за 60 долари за барел, а сега истата оди и по цена од 20 долари за барел. И додека светските цени вртоглаво паднаа во Македонија не само што не паѓа цената на горивата, туку истата и се покачува, изјави Владо Мисајловски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Влијателниот Њујорк Тајмс објави дека моментално на светската берза нафтата за јуни се тргува и по 22 долари за барел. Што значи дека на светско ниво цената на нафтата подолг период ќе остане ниска. Ниската цена на нафтата на светските берзи власта на СДСМ ја користи за овозможување на високи профити на поединци на штета на сиромашниот народ. Оштетени се сите домаќинства кои имаат возило или се греат на екстра лесно масло; фирмите, кои користат погонски горива и чија дејност е поврзана со транспортот; како и земјоделците кои во наредниот период треба да произведат храна за да ја прехранат нацијата Владата ќе прибира пари од народот за да има пари за СЈО, за да има за времени вработувања на партиски кадри. Ние како партија не се согласуваме и апелираме да не се злоупотребува кризата за лукративни цели на власта. Со ваквата одлука се ризикува ценовен шок и растење на цените на други производи поврзани со цената на чинење на нафтата. Ова не е одлука за помош на стопанството туку враќање на времињата на транзицијата, изјави Владо Мисајловски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.