Лозарите бараат 16 денари за килограм „смедеревка” и денар повеќе за „кратошија”, но винарите нудат пониски цени. Ова е епилогот од средбата помеѓу претставници на лозарите и неколку винарски визби, информираат од Здружението „Напредни лозари”.
Претставниците на винариите останаа на нивните позиции кои беа однапред познати – ланските цени, но со изместени вредности по однос на границата на шеќерните единици под која нема да се откупува грозјето, што всушност значи и намалување на откупната цена на грозјето. На пример, ако лани вранецот се откупуваше по 13 денари за 19 шеќерни единици се до 16 денари за над 23 шеќерни единици, оваа година ќе се откупувал по 13 денари, но не за 19 туку за 21 шеќерна единица, што е автоматски помалку за скоро два денара по килограм. Слична е ситуацијата и со „смедеревката“, нагласија од Здружението.
Како што посочуваат од „Напредни Лозари“, апсолутно не се согласуваат со ваквата поразителна откупна политика на преработувачите на грозје и се подготвуваат барањата на лозаропроизводителите кои ги застапуваат да ги радикализираат и да ги искористат сите расположиви демократски средства за постигнување на бараната цена. За таа цел, велат, ги повикуваат лозарите да бидат подготвени за протести.
На иста линија се и претставниците на Националната федерација на фармери. Бараат цената за винската сорта грозје „вранец“ да биде 17, за „смедеревка“ 16 ден по килограм, функционирање на договорно производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој и гаранција на наплата (банкарска гаранција од откупувачите), како и исплата на откупено грозје најдоцна до 31 декември 2019 за откупот од тековната година.
Бараме и бришење на член 17, став 5 од Законот за вино кој укажува на можноста од намалување од утврдената цена најмногу до осум отсто доколку плаќањето на винското грозје е во целост во рок од седум дена од денот на приемот, како и во делот на прекршочните одредби, односно на намлаување на глобите со што се потенцира можноста од намерна злоупотреба на работата на одговорните лица, велат од Националната федерација на фармери.
Од НФФ посочуваат дека нивните барања се дефинирани преку разговор со лозаропроизводителите и секторски пристап кон решавање на земјоделските проблеми и додаваат дека веќе се презентирани пред винариите и пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На вчерашните состаноци со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, винарските визби и лозарите во Кавадарци сите овие барања беа изнесени од страна на НФФ. По опсежната дискусија и барањата за повисока цена за откуп на овие сорти грозје, винарските визби излегоа со став дека во текот на наредната недела ќе информираат за овие наши барања. НФФ внимателно ја следи состојбата и ќе реагира при секој обид да се намали трудот на лозарите и да се доведат во ситуација која води на работ на егзистенцијата и уништување на долгогодишниот труд, посочуваат од НФФ.
Нагласуваат дека преку својот секторски систем за лобирање во јуни и јули годинава ја разгледувале состоjбата со производството на грозје и по направените анализи заклучиле дека производната цена за винската сорта „вранец“ е 17, а за винската сорта „смедеревка“ 16 денари по килограм.
Со непроменетите и ниски откупни цени во текот на изминатата деценија, земјоделците работат во загуба и дополнително од некои откупувачи не им се исплаќа навремено за предадениот род, порачуваат од НФФ. Според официјалните статистички податоци, 48.000 индивидуални земјоделски стопанства егзистираат од производство на грозје, 23.613 хектари од обработливата површина се лозови насади, од кои најголем дел се во кавадаречкиот и неготинскиот регион
Comments are closed for this post.