Прометот во индустријата, вкупно, во јуни во однос на мај годинава се намалил за 7,5 отсто, а споредено со јуни лани за 4,7 отсто, додека во првата половина од годинава во однос на истиот период од минатата година се зголемил за 9,5 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според главните индустриски групи, вкупниот промет во индустријата во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, е намален кај Интермедијарни производи, освен енергија, за 5,3 проценти, Капитални производи за пет проценти, Tрајни производи за широка потрошувачка за 9,6 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,4 проценти.

Прометот во индустријата на домашниот пазар, во јуни 2019 година, во однос на јуни лани е намален за 3,2 отсто, во однос на мај годинава за 5,9 отст, а во првите шест месеци од годинава во однос на истиот период лани бележи раст од 0,3 отсто.

Статистика покажува и понеповолна економска состојба на преработувачката индустрија.

Според оценката на раководителите на фирмите, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јули во однос на јуни годинава е намален за 0,1 процентен поен и изнесува 21,2, а во однос на јули лани е зголемен за 1,3 процентни поени.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јули споредено со јуни годинава е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени во однос на јуни годинава.

Оценката за економската состојба на фирмите во јули во однос на јуни годинава е понеповолна, а поповолна во однос на јули лани. Се очекува бројот на вработените да се намали.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јули 2019 година изнесува 69,5  проценти од нормалното искористување. Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат: недостигот на квалификувана работна сила со 26,3 проценти, недоволната странска побарувачка со 17,9  проценти, недоволната домашна побарувачка со 13,9 проценти и неизвесното економско опкружување со 11,1  процент.