Владата на социјалдемократите, немајќи никаква визија за економијата и земјоделието како витална стопанска гранка и дејност, по обичај земјоделците ги препушта на милост и немилост на пазарот, обвини Левица во денешното соопштение.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски сосема отворено им соопшти на земјоделците дека нивното производство,  Владата нема намера никако да го третира или уште помалку да го заштити, туку дека за нив и нивните производи ќе одлучувал пазарот. Ваквата пазарна логика без поддршка на пласманот од државата особено ќе ги погоди помалите земјоделци и нивната егзистенција која и моментално е загрозена.

Апсолутно неприфатливо е земјоделците и земјоделието како дејност каде се произведува пред сѐ, храна за луѓето и животните, но и суровини за индустриска преработка и други потребни производи за животот, преку одгледување на одредени растенија и домашни животни, да се препушти на пазарот кој, не само што самите земјоделци ги фрла на маргините од социјалната скала, туку како што бевме сведоци од скоро време, тој ги фрла по улици и ги уништува дури и нивните плодови произведени со тешки маки и многу труд“, се вели во соопштението.

Од партијата додаваат дека трудот на земјоделците е погазен, а Владата троши на советници и разно разни бирократи и ПР експерти кои имаат единствена задача да работат како јавни апологети на владеачката гарнитура.

Кога Владата троши енормни суми на пари во воени цели за туѓи интереси и организации како НАТО пактот, кои водат војна и окупираат народи ширум светот, таа нема никакво оправдување за немањето пари и капацитет да обезбеди достоинствена откупна цена на земјоделските производи“, пишува Левица.