Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Р.М.(34), В.М.(32) и С.Д.(28), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „избегнување на плаќање акциза“.

Р.М., од непознато лице набавил 317.75 килограми ситно сецкан тутун за пушење со намера да го продава на „Бит пазар“ во Скопје, при што избегнал и не платил акциза на која е обврзан со Закон за акцизите со што за 428.962,50 денари го оштетил државниот буџет.

Р.М., заедно со В.М. и С.Д., на 06.03.2019 околу 19.00 часот го донел тутунот во изнајмен магацински простор на улица „Албер Станик“ во близина на „Бит пазар“. Во моментот додека го внесувале тутунот во магацинот биле затекнати од полициски службеници од Единицата за прв одговор и интервенција Алфа при СВР Скопје. Од извршениот преглед на возилото, сопственост на првопријавениот, биле пронајдени 80 кутии фино сецкан тутун од по 850 грама, а при извршениот претрес во магацинскиот простор биле пронајдени уште 286 кутии од по 850 грама фино сецкан тутун и 19 пластични кеси од по 350 грама фино сецкан тутун.

Пријавените лица биле лишени од слобода, а тутунот и возилото биле одземени и врз основа на наредба од ОЈО Скопје биле предадени во Агенција за управување со одземен имот во Скопје.