Воведувањето на прогресивниот данок, покажува дека  доходот на побогатите домаќинства се намалува за незначителни  0,6 проценти. Ефектите од реформата на даночната политика  за Буџетот и нееднаковоста на доходот и платите се мали, а контекстот во кој беше наметнат прогресивниот данок може да донесе многу висока политичка цена која ќе треба да се плати, а е неспоредливо повисока од економските користи.

Тоа е наведено во денеска објавената студија на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“  спроведена за првичните ефекти од прогресовното оданочување што беше воведено од јануари годинава.

Наместо очекуваните 25 милиони евра кои што Владата планира да ги собере од повисокиот данок, проекциите на Институтот „Фајнанс Тинк“, се дека нето ефектот во Буџетот би бил едвај 20 милиони евра.

Оценките и наодите во студијата покажуваат дека ефектите од даночната реформа се подобруваат тогаш кога таа се комбинира  со социјалната реформа, имала влијание само  на еден процент  однсоно кај лицата со највисока заработка, а најзасегнати се инженерските професии. Учесниците на дебатата „Прогресивен данок на доход: Многу врева за ништо?“ на која беше претставена студијата порачаа дека сега е многу поважно што се случува на расходната страна и како да се подобри ефикасноста во трошењето за секој  потрошен денар од страна на државата да даде повисоки ефекти во сите области.

 Ефектот од прогресивното оданочување врз џини коефициентот е пресметан на помалку од еден процентен поен и заедно со социјалната реформа  изнесува до три проценти. Тоа значи дека ефектот е позитивен, даночната реформа врши подобрување на распределбата на доходот, но тоа е сосема малку,  би рекол незначително, рече Марјан Петрески, професор на Американ колеџ во Скопје.

Работодавачите и вработените  кои биле анкетирани во студијата на „Фајнанс тинк“ рекле дека  имало многу малку време за поширока дебата за реформата, промената дошла во времена нарушени институции и владеење на правото.  Сега е најважно, како што рече Петерески, што се случува на расходната страна, како да се подобри ефикасноста во трошењето и секој  потрошен денар од страна на државата да даде повисоки ефекти.

Согледувањата на МАСИТ покажуваат дека околу 30 проценти од вработените сениор експерти се опфатени со даночната основица од 18 проценти. Според нив треба да се интервенира во даночната политика, за да не си заминуваат кфалификувани кадри.

Според министерот за финасии Драган Тевдовски, наплатата на персоналецот е повисока од очекувањата, а со праведното оданочување се обезбедени средства за социјалната реформа

Сите економски показатели за годинава  покажуваат дека праведното оданочување  е успешна реформа. Сигурни сме дека тоа што сме  го проектирале ќе го оствариме како буџетски приходи. Уште  поважно е дека тоа што е проектираното веќе започна да се исплаќа како многу повисок  социјалн трансфер за најсиромашните и ние сме прва држава на Балканот  што спроведува минимален адекватен приход. Даночната реформа комбинирана со  реформата на социјалниот систем оставрува значајно намалување на нееднаквоста и е значајна алатка за борба против сиромаштијата, изјави Тевдовски.

Тој соопшти дека во првите пет месеци од годинава, наплатата на данокот на личен доход е за 17,4 проценти поголема во однос на лани, што било над очекувањата. Иако пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, дополни министерот, се случи сосема спротивното, за само едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица. Просечната нето-плата во првото тримесечје од 2019 година е зголемена за 3,4 проценти во споредба со првото тримесечје од 2018 година и тој раст е повисок од просекот од последните седум години.

Професорот од Економскиот факултет Горан Петрески, пак, оцени дека концептот за прогресивно оданочување функционира во земја со широка даночна база каде голем дел од населението е доволно богато за да плаќа личен данок на личен доход. Тоа, потенцираше Петрески, не е случај во Македонија.

Кај нас  50 проценти од вработените земаат просечна плата од 8.600 денари, а 90 проценти од вработените земаат плата до 30.000 денари. Само 10 проценти од населението во Макеоднија  од тоа што треба да плаќа данок зема над 500 евра, рече Петрески.