Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој – ЕБОР денеска потпишаа договор за грант за изградба на автопат Скопје – Блаце. Парите за грантот се од Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан, во висина од 30,8 милиони евра, а кредитот е 167,6 милиони евра. Договорот го потпишаа директорите на двете институции, Коце Трајановски и Фатих Туркменоглу.

Изградбата на автопатот Скопје – Блаце, од клучката кај Стенковец на обиколницата до Блаце, границата со Косово, според директорото на ЈПДП Коце Трајановски, е во должина од 10,5 километри. Претходно биле направени 1,5 километар, така што вкупната должина од клучката Стенковец кај Скопје до границата е 12 километри.

Овие 10,5 километри од автопатот, што се предмет на денешниот заем, ќе имаат во двата правци по две ленти со ширина од 3,5 метри и лента за запирање од 2,5 метри. Вкупната ширина на патот ќе биде 27 метри. Теренот е ридско-планински и е дел од масивот на Скопска Црна Гора. ​Ова е исклучително тежок терен за изведба. Затоа во проектот се предвидуваат пет тунели со по две цевки, или вкупна должина на тие тунели е околу пет километри, девет мостови со должина од 2,5 километри, 11 потпатници, четири галерии за стабилизација на косини во должина од еден километар и девет потпорни ѕидови што се исто така за стабилизација на косините – истакна Трајановски.

Директор на ЕБОР Фатих Туркменоглу изрази задоволство за можноста денеска да биде потпишан договорот за грант во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан за изградба на автопатот Скопје – Блаце.

Ова е одличен проект за земјата затоа што ја подобрува регионалната поврзаност, особено со Косово, а го поддржува економскиот раст. Тоа е навистина мошне важно особено за создавањето работни места – истака Туркменоглу, нагласувајќи дека ЕБОР остануваат посветени да ја поддржуваат земјата особено во однос на развојот.

На потпишувањето на договрот присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски, заменик-министерката за транспорт и врски Калтрина Зеколи Шаќири и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас.

За премиерот Мицкоски, како што рече, големо е задоволството што наскоро на целата територија на државата ќе се развиваат шест автопатски делници.

Покрај оваа делница што треба да го поврзе главниот град со границата со Косово, односно Блаце, тука се и делницата што треба да ги поврзе Тетово и Гостивар, Гостивар со Букојчани. Го завршуваме делот од автопатот Кичево – Охрид, потоа Прилеп – Битола и наскоро очекувам да биде завршена и постапката за делницата што треба да го поврзе Букојчани со Кичево. ​Заедно со оваа, очекувам овие шест автопатски делници во еден момент да се реализираат. Тоа ќе биде голема додадена вредност за македонската економија, нешто коешто за мене претставува исклучително важно и е еден од врвните приоритети на оваа Влада, економскиот развој да продолжи онака како што го поставивме пред четири години кога бевме избрани како Влада – рече Мицкоски.

​Градежништвото, нагласи тој, како еден од главните двигатели на економскиот развој очекува да продолжат со несмалена динамика и во наредниот период.

​Почетокот на градбата на автопатот Скопје – Блаце најавија дека ќе почне во август годинава, а рокот за изградба, според кажаното, е околу четири години.