Пропадна владината најава за „Викенд без ДДВ“ за сите производи во малопродажбата. Граѓаните ќе добиваат поврат на ДДВ само за купени производи со македонско потекло. Ќе се добијат пари назад ако се купи облека, бела техника, санитарија, храна, мебел и друго, само ако се направени во земјава. Исклучок ќе биде само ИТ производите, како компјутер, лаптоп или друга опрема, за кои, без разлика каде се произведени, ќе се враќа ДДВ.
Од Владата велат дека мерката сега е креирана како помош за справување со кризата и опфаќа повеќе аспекти. Но, елегантно одбегнаа да ни одговорат зошто се смени првичната замисла сите производи да бидат поевтини во продавниците и да може секој да ги купи, без да се регистрира во УЈП со апликацијата „Мој ДДВ“
Воведуваме викенд без данок на додадена вредност за сите граѓани. Преку поевтини цени за граѓаните, поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени сектори како што се продавници за гардероба, бела техника мебел, санитарија, школски прибор и книги, најави Оливер Спасoвски, во време кога беше технички премиер.
Од Владата сега велат дека мерката е креирана да се излезе во пресрет на граѓаните преку поврат на ДДВ, како и преку набавка на производи кои им се потребни во ковид – кризата (ИТ опрема), да се инјектираат средства во домашната економија, а воедно и да се придонесе кон сузбивање на сивата економија.
Наместо за сите граѓани, Викендот без ДДВ кој е на 10, 11 и 12 октомври, ќе може да го користат само тие кои ќе скенираат сметката во овие три дена. Потоа УЈП ќе го враќа ДДВ – то. Оние кој немаат ваква апликација ќе мора да се регистрираат, за да може да ја искористат оваа мерка.
Сите оние даночни обврзници кои што ќе сакаат да ја користат оваа мерка ќе мора најпрво доколку немаат апликација Мој ДДВ, да се регистрираат во системот е – персонален данок. На веб страната се внесуваат генералите, име и презиме, матичен број, и валидна e – mail адреса, се отвара барањето го отпечатуваат, го носат во канцелариите на УЈП каде што нашите вработени го одобруваат ова барање – вели Михајло Михајлов од Управата за јавни приходи за Алсат М.
Во предвидениот викенд граѓаните ќе бидат ограничени и за парите кои сакаат да ги потрошат за да добијат назад ДДВ. Еден граѓанин ќе може да потроши максимум 30 илјади денари за да добие поврат од 5.400 денари. Во викендот без ДДВ редовната мерка „Мој ДДВ“ ќе биде суспендирана.
Comments are closed for this post.