За пет месеци од годинава Владата успеала да потроши само 13,74 проценти од парите наменети за капитални инвестиции.

Од предвидените 422 милиони евра за изградба на патишта, пруги, гасификација и други крупни инфраструктурни проекти, од јануари до мај биле платени на изведувачите само 58 милиони евра. Последниот извештај на Министерството за финансии покажува дека од месец во месец реализацијата на оваа ставка се зголемува.

Даночниот експерт Павле Гацов на социјалните мрежи напиша и свое видување по однос на најновите податоци за реализација на капиталните инвестиции.

И оваа година ќе останат „фазла“ пари во Буџетот на РМ. Капиталните расходи сериозно потфрлаат. Реализацијата оди дури полошо и од лани, најлошата година за капиталните расходи.

Заклучно со мај се реализирани џуџести 13,7%.

Трендот е подолготраен. Релизацијата на капиталните расходи за 2018 исто така беше многу лоша. Затоа и останаа средства во буџетот за 2018 година со кои делумно се раздолжија општините.

Истото се случува и во 2019-та година. Со тоа што сега реализацијата е уште полоша.

Ако помалку се троши од планираното, а од друга страна министерот за финансии во заминување, изјави дека буџетот се полни над очекувањата, очигледна е потребата од ребаланс заради ликвидноста на буџетот.

Можеби повторно се создаваат услови за наменска прераспределба на дел од буџетот за второ големо раздолжување на општините или пак во опција е и делумно предвремено раздолжување на државата, со откуп на долгот.

Или, пак може да се почекааат ефектите од мерката за поврат на ДДВ, кој освен евентуалните позитивни ефекти носи и ризици, а тоа е враќање на наплатен ДДВ од уредните даночни обврзници кои постојано издавале фискални сметки и уредно плаќале ДДВ и без оваа мерка.
Ова ќе бидат дилеми за решавање, пред Владата во летниот период.

И после овој квартал, очигледно е дека лошо се манаџира со реализацијата на капиталните трошења од една страна, или пак се работи за лошо планирање на расходите на буџетот од друга, напиша Гацов на ФБ.