Бавно оди реализацијата на капиталните проекти. Парите од задолжувањата слабо се користат за оваа намена, а јавниот долг е во постојан пораст.  Според последните податоци  на Народната банка јавниот долг достигна 48.8% од БДП во вториот квартал, што е пораст за 0.6 процентни поени споредено со првите 3 месеци. Но,  според предвидениот распоред, Министерството за финансии и денеска продолжи да се задолжува кај банките  и  издаде државни хартии од вредност за сума од 57 милиони евра. Министерот Тевдовски  вели дека сега државата  соодветно управува со јавниот долг што било забележани од финансиските институции.

 Најглавно е дека ние водиме добро управување со јавниот долг. Прва година во која што јавниот долг беше намален како процент беше во 2017 година. Постојано водиме политика на задолжување со пониски каматни стапки од кредитите што се отплаќаат. Имавме еврообврзница со најниска каматна стапка досега. Главно промената во задолжувањето се должи на тоа што земјава оди со буџетски дефицит, значи не одиме со суфицит. Исто така имаме големи долгови коишто доспеваат од претходно земени кредити и коишто постојано ги сервисираме, рече Тевдовски

Премиерот Зоран Заев вели дека сите задолжувања на државата се за капитални инвестиции и се прават напори за нивна максимална реализација за да има ефекти од земените кредити  за таа намена.  Сепак тој е  оптимист и  вели  дека до крајот на годината конечно ќе почне забрзана реализација на овие проекти.

  Се ослободи првата фаза за железницата, на 21-ви се отвора првиот чекор од постапката за јавната набавка за втората фаза од 67 милиони евра, веќе се подготвуваат следните чекори за третата фаза која што е некаде 350 милиони евра. Ако ги ослободиме сите закочувања на гасификацијата, за што едната делница е покрај Скопје за Тетово и Гостивар, а другата кон Прилеп и Битола, каде се движат работите, се надевам и тука ќе се придвижи на тој дел за да можеме максимално да ги ефектуираме овие работи, изјави Заев.

Според последните податоци, во првата половина од годинава, Владата реализираше историски најмалку капитални инвестиции – само 21% од планираното за цела 2018-та.