Со британски грант од околу 780.000 фунти Македонија ќе изработува Стратегија за енергетика за наредните 30 години што треба да биде готова до крајот на идната година. Стратегијата ќе ја изработи Прајс Ватерхаус Куперс, а подизведувач ќе биде МАНУ.

Меморандумот за разбирање со кој се доделуваат средствата за грантот денеска во Скопје го поптишаа британскиот министер за Европа и Америка Сер Алан Данкан и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

 Стратегијата за енергетика произлегува како обврска во Законот за енергетика кој Владата го донесе во мај годинава и ќе предвидува како Македонија енергетски ќе се развива во наредните 30 години. Се надевам дека ќе даде добра рамка за развојот на енергетиката, изјави Анѓушев по потпишувањето на меморандумот.

Сер Алан Данкан посочи дека на секоја земја и е неопходна енергетска сигурност која е прифатлива за животната средина.

 Задоволство ми е што Обединетото Кралство и помага  на Македонија во дизајнирањето на вашите енергетски  потреби за иднината. Се надевам дека ќе помогнеме во креирањето стратегија која ќе обезбеди безбедна, различна и еколошки модерна енегија за државата, рече Данкан.

Нагласи дека слободниот пазар носи безбедност и сигурност во снабдувањето со енергија и додаде дека конкуренцијата на крај ја дава вистинската вредност.