5,5 милиони евра субвенции за одржување на овошни насади на 9.146 земјоделци, исплатила денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во оваа сума спаѓаат субвенции за јаболки, сливи, круши, кајсии, вишни, цреши, јагоди, малини, капини, боровинки, дуњи, мушмули, маслинки, јапонско јаболко, аронија, рибизла, гоџи бери, бадеми и лешници. Со денешната исплата на субвенциите за одржување на насади со јаболка, МЗШВ заедно со Платежната агенција ги исполнува сите барања на производителите на јаболка и порано рокот кој го бараа овоштарите.

Иако на средбата со производителите на јаболка, кажавме дека исплатата на субвенциите ќе биде до крај на овој месец, сепак заради специфичната состојба во која се наоѓаат оваа категорија на производители, а пред се и заради периодот кога овоштарите треба да ги извршат агротехничките мерки во овоштарниците, како и подготовка пред нова реколта, заедно со сите вработени вложивме максимален напор во најбрз можен рок да се обработат сите апликации и субвенциите да се исплатат и пред ветениот датум“, изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.

При тоа Бабовски посочи дека претходно, беше прифатено барањето на производителите на јаболка за продолжување на мерката за дополнителнa субвенции од 3 денари се продолжува до 30 – ти јуни годинава. Со оваа одлука се очекува да се откупат до 30.000 тона јаболка, што се нови 90 милиони денари за производителите на јаболка. „Ќе го исполниме и барањето на производителите на јаболка во однос на исплатата на оваа дополнителна поддршка од 3 денари, односно ќе биде исплатена како што бараат до 30 -ти јуни.

Во новата Програма за директни плаќања 2019, согласно препораките на Европската унија дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени индустриски јаболка е трансформирана во субвенцијата по површина. И оваа година во новата Програма субвенциите за одржување на насади се зголемени и тоа од 39.000 денари по хектар на 50.000 денари, со тоа што овоштарите имаат дополнителни и 15% за подрачја со огранични можности над 700 метри надморска височина, и таа субвенција за развојните категории достигнува 57.500 денари по хектар“, изјави Бабовски.

Директорот на Платежната агенција потенцираше дека заеднички со МЗШВ континуирано се работи на создавање на поволни услови за развој на земјоделството и создавање на производи со додадена вредност. Заклучно со денешната исплата на субвенциите за овошни насади, од почетокот на годината до сега се исплатени 40,5 милиони евра за субвенции за поледелство, за раноградинарство, за лозарство, за сточарство. Воедно, Бабовски информираше дека со оглед на тоа што завршува  откупот на тутунот, штом завршат сите административни процедури околу контролите, ќе следи и исплатата на субвенциите за производителите на тутун.