Динамиката на изградба на примарниот гасоводен систем, текот на избор на изведувач на дистрибутивната гасоводна мрежа и гасното поврзување со Грција и останатите соседни земји, биле тема на разговор на денешната средба на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи со директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи. Битиќи, како што информираат од неговиот кабинет, на состанокот посочил дека е задоволен од динамиката на изградба на примарната гасоводна мрежа, која се одвива според планираното и дека овој процес мора да се одвива непречено и понатаму. Воедно, нагласил дека паралелно се продолжува со процесот за избор на компанија, која по принцип на јавно-приватно партнерство би го градела, одржувала и управувала дистрибутивниот систем.

На овој начин истовремено би се работело на изградба и ставање во функција на примарната и секундарната гасоводна мрежа, а крајна цел е граѓаните и компаниите да добијат диверзифицирани можности за снабдување со енергенси, а со користењето на природниот гас како енергенс би се придонело за заштита на животната средина, заштеда на финансиски средства и поголема кокурентност на компаниите. Капиталните инвестиции во гасоводната инфраструктура, но и сите други капитални инвестиции ќе бидат следени од Централна единица за надгледување и реализација на капиталните инвестиции, која ќе се формира од Владата, а со која ќе се осигура високо ниво на нивна реализација, дополни вицепремиерот Битиќи.

Битиќи и Реџепи, се вели во соопштението, зборувале и за плановите за изградба на интерконективниот гасовод со Република Грција, со кој ќе се диверзифицираат и изворите за снабдување на земјата со природен гас, преку терминалите за течен нафтен гас од Александрополис и другите извори кои ги користи грчкиот оператор ДЕСФА. Со ова, освен досегашната конекција со Република Бугарија, ќе се добие уште еден извор за снабдување на земјата со природен гас, а воедно ќе ја позиционира Македонија како регионален хаб за природен гас, кој потоа може да се дистрибуира во некоја од соседните земји.

Реализацијата на капиталните инвестиции во гасоводната инфраструктура, како примарната, така и секундарната, гасната интерконекција со Грција, а потоа и со другите земји во регионот, ќе биде во фокусот на АД Национални енергетски ресурси во наредните години, рече директорот Реџепи и додаде дека обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до нивни намалени трошоци, но и намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните во Македонија.

Битиќи и Реџепи, стои во соопштението, ги истакнале своите споделени намери процесот на гасификација да се реализира со најбрза можна динамика, при што се согласиле континуирано и заеднички да ги следат сите тековни процеси и да работат на ефикасна реализација на проектите кои се планирани.