Државата ги задржала истите приходи и буџетски потреби со интервенцијата во минатогодишната акцизата за гориво и покрај големиот пад на цените и на потрошувачката во 2020 поради пандемијата. Повеќе од половина од цената што сме ја платиле за точење на бензинот била наплатена од државата, пишуваат „Факти“.

Минатата година дури 57 отсто од малопродажната цена што сме ја плаќале за бензинот супер 95 одела за државата, а 55,65 проценти од супер 98. Кај дизелот, државата превземала 49,64 проценти од платената сума по литар. Висок е и зафатот кај екстра лесното масло од 43,2 проценти.

Како споредба, во 2019, според пресметките што ги има направено Регулаторна комисија за енергетика на малопродажните цени кај нафтените деривати во периодот од 27 мај до 31 декември 2019 година, зафатот на државата кај еуросупер 95 и еуросупер 98 бил само 48,8, односно 47,8 отсто. Од дизелот се наплатил само 40,6 отсто, а од екстра лесното масло 28,5.

За двата бензини просечно за државата сме плаќале по 33,76 и 34 денари, за дизелот 25,64 денари, а 20 денари за таканаречената црвена нафта. Споредено, за профитот, транспортот и набавната цена на трговецот, сме плаќале многу помалку кај бензините – околу 25 и 27 денари .

Давачките кон државата како удел во малопродажните цени на Еуродизел и Еуросупер БС – 95 во Македонија се најниски во споредба со земјите во регионот и ЕУ земјите, велат од РКЕ. Во Македонија по литро се плаќало 0,432 и 0,549 евра, додека на крајот на 2020 во Хрватска просекот бил 0,641/0,754, Австрија 0,579/0,668, Грција 0,642/0,985, Унгарија 0,584/0,586, Словенија 0,655/0,626 евра итн.

Евидентно е и тоа што лани во однос на претходната 2018, регулаторот помеѓу акцизата и набавната цена на дериватите допуштил значително поголемо учество за трговците во профитни маржи и транспортот при формирањето на крајната цена. Оправдувањето за тоа е потенцијалната криза во која би се нашле трговците.

-Регулаторната комисија за енергетика го зеде предвид и фактот дека беше намалена потрошувачката на горива во Република Северна Македонија за околу 40 % во периодот март-април 2020 година поради пандемијата на ковид-19 и следствено на тоа беа намалени и приходите на учесниците на пазарот на нафтени деривати. Очекувајќи дека ќе продолжи намалената потрошувачка на нафтени деривати и во наредните неколку месеци по април 2020, што ќе предизвикаше финансиски проблеми во работењето на компаниите – учесници на пазарот на нафтени деривати во Република Северна Македонија, а со цел да се обезбеди нивна финансиска стабилност, Регулаторната комисија за енергетика оцени дека е потребно мало зголемување на трговската маржа во износ од 0,2 ден./литар, односно зголемување на маржата од 3,57 %“, се вели во извештајот на РКЕ за 2020.

Вкупните увезени количества на нафтени деривати во Македонија во 2020 година изнесуваат 969.936 тони, што е за 15,16 отсто помалку во однос на увезените количества на горива во 2019.

На почетокот на годината, цената на нафтата се движеше околу 60 долари по барел. Кога започна глобалниот карантин, цената на нафтата се движеше од 20 до 25 долари. Бидејќи светската економија полека започна да закрепнува од јуни, цената на нафтата порасна и до почетокот на 2021 година цената се стабилизира на приближно исто ниво како и пред почетокот на кризата.