Две од трите фирми со кои државната компанија Електрани на Македонија (ЕСМ) склучила договори за набавка на јаглен имаат ист човек во сопственичката структура, 45-годишниот тетовец Аљибер Ибраими, објави Призма.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека првата фирма, со име Куантум Солушнс, му е регистрирана на денот кога ЕСМ го распишала јавниот повик за набавка на јаглен, на 31 март годинава. Тој, до минатата недела, беше нејзин единствен сопственик и управител, кога во сопствеништвото на фирмата влегол Лазар Кимов, стои во објавата.

Се додава дека втората, Енергија Икс ја поседува заедно со бизнис-партнерка од Скопје, 44-годишната Ана Христовска, а почнала со работа на 5 мај, кога повикот веќе течел. И двете се микро-компании и се регистрирани за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива.

На 13 јуни, комисијата за јавни набавки на ЕСМ го затворила повикот и објавила дека се избрани четири понуди за набавка на 550 илјади тони јаглен поднесени од три фирми (една доставила две понуди, што било дозволено со правилата на повикот).

Најголемиот дел, 400 илјади тони, ќе го обезбеди албанската компанија Хај Тауерс од Тирана, која ќе носи јаглен од својата земја и за тоа ќе наплати 22 милиони евра.

Албански јаглен ќе увезува и Енергија икс, 50 илјади тони, а Куантум Солушнс треба да донесе 100 илјади тони јаглен од Грција. Со тоа, овие две фирми, речиси непосредно по формирањето, добиле државен бизнис вреден околу девет и пол милиони евра.

Призма додава дека никаква информација не е достапна за овие компании, освен адресите на кои се регистрирани во главниот град – Куантум Солушнс на булеварот Партизански одреди, а Енергија Икс во трговски центар на улицата Лондонска. Немаат ниту телефонски броеви, ниту имејл адреси, ниту профили на познатите социјални мрежи.

Во написот се прашува како овие две непознати лица, со нивните новоотворени фирми, успеале да ја надминат конкуренцијата и да се вклучат во енергетскиот бизнис каде што се вртат милионски суми, е непознато Ниту Ибраими, ниту Христовска и Кимов не се познати во енергетскиот бизнис во земјава.

Според ЕСМ главен критериум според кој се оценуваат понудите е техничката соодветност, односно дали понудениот јаглен одговара по своите параметри на тоа што се бара. Следниот критериум е количеството – дали понудувачот може да го достави целиот јаглен што се бара или само дел од него.