Компаниите кои вршат откуп и преработка на пченица имаат објавено откупна цена за реколтата 2019 и таа се движи од девет до 10,5 денари за килограм во зависност од класите дали е прва, втора или трета класа, соопшти денеска Државниот инспекторат за земјоделство по спроведените контроли во шест откупни компании во Велес, Свети Николе, Кочани, Кривогаштани и Битола.

Како што се наведува во соопштението, инспекциските контроли од страна на државните инспектори за земјоделство ќе продолжат со контроли континуирано и во следниот период, и доколку се констатираат неправилности ќе бидат преземени казнени мерки согласно Законските прописи по кои постапува Државниот инспекторат за земјоделство.

Според податоците од Агенцијата за поттикнување и анализите спроведени од Одделението за сметководствени податоци при МЗШВ, во различни региони производната цена на пченицата, базирана врз основа на производните трошоци е различна. Во битолскиот регион производните просечни трошоци за килограм пченица изнесуваат 9,33 денари, во штипскиот регион 6,92 денари за килограм а во кумановскиот 8,03 денари за килограм.

Според првичните податоци од подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство жетвата на житните култури е во полн ек. Јачменот во 2019 година е засеан на околу 60.000 хектари. До денеска, се околу 90 % од површините при што е остварен просечен принос од околу 3,5 тони/ха. Пченицата беше засеана на околу 70.500 хектари и до денеска се ожнеани околу 40 проценти од засеаните површини со остварен просечен принос од околу 3,6 тони/ха во зависност од регионот.

Оваа година се очекува производството од пченица да се движи од 240.000 до 250.000 тони или за околу четири отсто поголемо производство од 2017 година.

Од Државниот инспекторат за земјодлество потсетуваат дека пред почетокот на жетвата во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беа одржни состаноци на Потсекторската работна група за жита во којашто членуваат претставници од стопанските комори, земјоделски здруженија и од секторите од Министерството. Агенцијата за стокови резерви, се додава, минатата недела го објавила јавниот оглас за набавка на 7.165 тони меркантилна пченица за обнова на потребите на стоковите резерви, што, се посочува, во овој период ќе влијае позитивно на пазарот на пченица во делот на зголемување на откупната цена.