Цената на златото до крајот на годината би требало да достигне 1.400 долари, благодарение на помалку агресивната политика на американската Управа за федерални резерви за каматните стапки и долготрајните глобални неизвесности, оценуваат стручњаците за овој благороден метал.

Цената на испорачано златото денеска се движеше околу 1.286,6 долари за унца (една унца злато е еднаква на 31.1 г.).

Мартин Хаксли од сингапурската компанија „INTL FCStoun” вели дека цената на златото долго се движела во распон од 1.217 до 1.330 долари, но дека тоа би можело да се смени.

„Можеме да очекуваме дека ќе се продолжи со тргување во тој распон во следните месеци. Но во втората половина на годината можеме да очекуваме дека цената ќе расте и ќе достигне 1.400 долари до крајот на годината“, додава тој.

Централните банки ширум светот купуваат злато во количини кои не се видени во изминатите 50 години, во рамки на проширување на портфолиото од производи и одалечување од поединечни валути, вклучително и американскиот долар.

Загриженоста околу глобалната економија и геополитичките прашања, вклучително и трговската војна меѓу САД и Кина, придонесе за раст на неизвесноста, која често му оди од рака на златото кое се смета за „сигурно засолниште“ или продукт кој има тенденција да ја задржи или зголеми својата вредност дури и за време на турбуленција на пазарот.